Владата на вчерашната седница ја разгледала информацијата и ги задолжила сите членови на институциите кои присуствуваат моментално на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, преку координиран настап, заеднички да поднесат амандман со цел повлекување на Нацрт одлуката на Комитетот со која Охридскиот регион се предлага да биде ставен на листата на светски природни и културни богатства во опасност, информираше министерот за култура и туризам Зоран Љутков.
Нагласи дека јавноста мора да ја знае вистината дека оваа одлука е резултат на директна последица на години негрижа, неодговорност и институционален распад што, како што вели, го оставила поранешната влада во периодот од 2017 до 2024 година.
Актуелниот Извештај се однесува токму на овој период на владеење на СДСМ и ДУИ. И во тие седум години не само што не беше преземено речиси ништо од препораките на УНЕСКО, тие наместо заштита, гледавме игнорирање на експертски извештаи и системско разнебитување. Секој ден како Влада се соочуваме со историски одлуки, не само да го сопреме уништувањето, туку и да го спасиме и обновиме сето она што другите го запоставија, рече Љутков.
Работиме, посочи Љутков, со максимална посветеност во координација со сите надлежни институции, а тука се МТ, МЖСПП, Управата за заштита на културно наследство, МНРиНТ, домашните експерти се со цел да се покаже дека оваа Влада може и знае поинаку да се однесува кон културното наследство.
Но, вистината ќе мора да се каже јасно, додека тие ги затвораа очите, ние ќе ги отвораме вратите за спас, додека тие молчеа пред предупредувањата, ние сакаме да зборуваме со дела. Граѓаните имаат право да знаат дека токму тие што го доведоа Охрид на работ на губење на својот статус се истите кои денес држат лекции од опозиција. Историјата нема да ги заборави овие работи, а ние нема да дозволиме нивната негрижа да го чини Охрид со некаква поинакавка иднина, посочи министерот Љутков.
Инаку, на 47-та сесија на УНЕСКО, Комитетот предложи регионот на Охридското Езеро да се вклучи на Листата на светско наследство во опасност, со цел да се поттикне порешителна акција и да се обезбеди запирање и враќање на деградацијата на атрибутите што ја пренесуваат извонредната универзална вредност (OUV) на имотот.
Н.С.Ј.