Две години по затворањето на плажите со нерегулуран статус и истечени концесии, наместо уредени јавни простори, овие места се претвораат во руини. Деновиве непознати лица ги отстраниле потпорните греди од чардакот на некогашната плажа Потпеш во населбата Канео, кој под налет на силниот ветер се урна врз Мостот на желбите попречувајќи го преминот.
Во незгодата никој не е повреден, а предизвикана е материјална штета.
Екипи на ЈП „Охридски Комуналец“ утрово ги отстранија оштетените делови од урбаната опрема.
По налог на локалната самоуправа, оперативните служби на ЈП Охридски Комуналец утрово излегоа на терен да ја санираат состојбата кај месноста Потпеш и ја отстранија настрешницата која се урна од видиковецот од објектот на оваа локација, велат од претпријатието.
Статусот на плажите на Охридското крајбрежје кое спаѓа во строго заштитената зона се уште не е решен. Согласно планот за Управување со Охрид, како и забелешките на реактивната мисија на УНЕСКО, предвидено е поинакво уредување на плажите на охридското крајбрежје, а под коцесија под строго утврдени услови и начин на стопанисување, ќе бидат дадени само дел од нив.
Според најавите тоа треба да се случи следното лето од кое не делат само неколку месеци, период во кој треба да се реши статусот на постоечките плажи во градското подрачје кои не работат, но и на останатаите, да се распише јавен повик, истиот да се реализира и да почне уредување на просторот таму каде што тоа евентуално ќе биде предвидено, но и да се воспостави ефикасен систем за уредување и одржување на плажите кои ќе бидат слободни. Во спротивно вакви глетки ќе бидат се почести, што ќе се одрази на туризмот и на имиџот на градот воопшто.
Г.М.