Безбедноста на жените и девојчињата не смее да зависи од тоа дали насилството се случува зад затворени врати или зад екран. Справувањето со родово базираното и семејното насилство е стратешки приоритет за Бирото за јавна безбедност, истакна во обраќањето на настанот организиран од Мисијата на ОБСЕ во Скопје, по повод Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените, кој воедно го означува и почетокот на глобалната кампања „16 дена активизам“, директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев.

Јанев, посочи дека институционалниот одговор мора да се темели на ефикасно и професионално полициско постапување, навремена проценка на ризикот и заштита на жртвите, зајакната меѓуинституционална соработка, како и континуирана превенција и унапредување на капацитетите за справување со дигиталното насилство, вклучително и обезбедување електронски докази.
Нагласи дека жртвите не смеат сами да ја носат тежината на борбата против насилството, дека пријавувањето е чин на храброст и дека одговорноста секогаш е кај сторителот. Секој што ќе побара помош мора да биде сослушан, заштитен и да добие професионален институционален одговор.

Посветеноста на институциите не се мери според зборовите што ги кажуваме денес, туку според сигурноста, довербата и промените што ги обезбедуваме секој ден, порача Јанев.
OhridNews











