1,8 милиони патници патувале преку Меѓународниот aеродром Скопје и охридскиот аеродром Свети Апостол Павле во првите 9 месеци од 2018 година, што е годишен пораст од 18%, соопшти ТАВ Македонија, компанијата која управува со македонските аеродроми.

Во исто време, од јануари до септември 2018 година, бројот на летови на двата аеродромa изнесува 15.395, со годишен пораст од 12%.

Завршивме уште една фреквентна летна сезона на двата аеродрома, во Скопје и во Охрид и сега сме подготвени за зимската сезона која ќе почне на крајот од октомври со новиот зимски распоред на летови. На охридскиот аеродром отворивме 4 нови сезонски летови – Истанбул, Ајндховен, Талин и Варшава, додека од ноември 2018 Виена, како уште една нова дестинација и регуларна авиолинија ќе биде отворена од Охрид, изјави Алпер Ерсој, Генерален директор на ТАВ Македонија.

Според статистиката за патничкиот сообраќај, од јануари до септември 2018 година најфрекфентни дестинации на Меѓународниот аеродром Скопје се: Истанбул (двата аеродроми Ататурк и Сабиха Гокчен, со 10,8% пазарен удел), Цирих (7,8%), Виена (5,7%), Базел (5,3%), Малме (4,5%) и Братислава (3,4%).

Во однос на пазарниот удел на авиокомпаниите во вкупниот патнички сообраќај, Виз ер го превезе најголемиот број на патници со 60,3% удел на пазарот, а потоа следуваат Туркиш ерлајнс (7,8%), Аустриан ерлјанс (5,7%), Германиа флуг (4,5%), Пегасус ерлајнс (3,7%), Кроација ерлајнс (3,4%).

Охридскиот аеродром Свети Апостол Павле има 3 редовни авиолинии во текот на целата година и 8 сезонски дестинации, опслужувани од 12 авиокомпании.

OhridNews