Гинеколошката ординација на д-р Владо Устијаноски, специјалист по гинекологија и акушерство, одбележува една година од своето основање, период исполнет со професионална посветеност, континуирана грижа и градење доверба со пациентките.

Од започнувањето со работа, ординацијата има јасна мисија – обезбедување квалитетна, современа и достапна гинеколошка здравствена заштита, со индивидуален пристап кон секоја пациентка. Во текот на изминатата година, успешно се реализирани бројни гинеколошки прегледи и консултации, со особен акцент на превенција и рана дијагностика.

Во рамки на својата дејност, ординацијата на д-р Владо Устијаноски нуди гинеколошки прегледи, ПАП тестови, ехо прегледи, следење и советување за време на бременост, како и други специјалистички услуги кои се изведуваат со современа медицинска опрема, согласно највисоките стручни стандарди.

Нашата цел од самиот почеток беше да создадеме средина во која секоја жена ќе се чувствува сигурно, информирано и професионално згрижено. Благодарни сме за довербата што пациентките ни ја укажаа во изминатата година, изјави д-р Владо Устијаноски.

Досега, вели, освен уписи на пациенти, водење на нормална, високоризична патолошка бременост, имаат и екстремно висок број на скрининзи на грло на матка за преканцерози на истата и висок процент истретирани, како и високо малигни лезии на грло од матка кои завршиле оперативно.

Многу важна е навремената контрола, а еднаш годишно и ПАП тест кој е нормален превентивен рутински преглед. Испитувањето на ПАП тест, ХПВ-типизација, ехопрегледи, се основата. Од аспект на високоризични бремености, успешно завршени бремености, кај пациентки ои претходно имале спонтани абортуси, патолошки, скратени цервикси, близначни бремености, имаме преку 10 во текот на оваа година. Посебно е задоволството и неизмерна е благодарност од пациентките кои биле со високо ризична патолошка бременост, а на кои според протоколите сме им овозможиле да добијат потомство. Нема поголема благодарност и заслуга на лекарот, екипата, амбулантата, едно семејство да добие принова.

За да бидеш лекар, вели, прво треба да си човек, а пациентките да се третираат со максимално внимание, меѓусебна соработка и коректен однос. Посочи дека 80-85% од пациентките во примарната гинекологија се јавуваат, освен за бременост и патолошки ситуации, и заради инфекции. Во случаи каде се потребни интервенции од секундарни установи истите се препраќаат до соодветните здравствени центри каде можат да ја добијат навремено услугата.

Посебно радува фактот што се повеќе се прават контролни прегледи, препораките се пренесуваат од жена на жена, но и што се зголемува бројот на млади девојки кои посетуваат гинеколог, истакнува д-р Устијаноски.

Потенцира дека амбулантата не би била толку вредна и заслужна за пациентите без одличната соработка која ја имаат со колегите гинеколози од Охрид.

Имаме одлична соработка со гинеколозите од Општа болница Охрид преку секојдневните комуникации за начинот на завршување на бременостите и соодветни третмани, со Центарот за јавно здравје заради микробиолошките, ХПВ, лабораториски испитувања, приватните лаборатори кои имаат склучено договор со Фондот за здравство, со Болницата Плодност од Битола каде се извршуваат раѓања и се третираат малигни и премалигни болести кај пациентките, како и со Гинеколошката Клиника од Скопје. Морам да нагласам дека од законско-правен аспект досега врвна соработка имаме со Фондот за здравство во Охрид, раководството и вработените кои несебично им излегуваат во пресрет на пациентките, истакнува д-р Устијаноски.

Во наредниот период, ординацијата планира натамошно унапредување на услугите и следење на современите медицински достигнувања, со цел обезбедување уште поквалитетна грижа за женското здравје.

Моментално ние како гинеколошко-акушерска ординација работиме се што е во домен на гинекологија, акушерство и здравствена заштита на жената. Секако, планови постојат за во иднина. Ние сме во период на развој. Како ќе се движиме понатаму, ќе покажат работата и пациентките, додава д-р Устијаноски.

По повод една година успешно работење, гинеколошката ординација на д-р Владо Устијаноски упатува искрена благодарност на сите пациентки за укажаната доверба и поддршка.

Гинеколошката ординација на д-р Владо Устијаноски одбележува една година успешно работење

Н.С.Ј.

фото. А. Момироска