На Конференцијата што ја организира Секретаријатот за спроведување на Охридскиот рамковен договор, учество ќе земат актуелниот државен врв, дел од потписниците на договорот и на меѓународните претставници кои ја имаа улогата на олеснувачи во преговорите со коишто се дојде до Договорот. На јубилејот од потпишувањето на Рамковниот договор нема да присуствуваат поранешниот премиер Љубчо Георгиевски, кој како што информираат од неговата ВМРО Народна партија бил на подолг одмор во странство, како и почесниот претседател на ДПА Арбен Џафери, кој исто така бил надвор од земјава.
На отворањето на конференцијата, утре, предвидено е да се обратат шефот на државата Ѓорге Иванов, премиерот Никола Груевски, вицепремиерот задолжен за Рамковниот договор, Муса Џафери, досегашниот американски амбасадор во Македонија, Филип Рикер, Џејмс Пердју, олеснувач на Охридскиот договор, Ален Ле Роа, тогашен генерален потсекретар за мировни операции при Обединетите нации, лидерот на ДУИ, Али Ахмети и лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски.
Конференцијата продолжува во сабота за кога е предвидено обраќање на претставници на ОБСЕ, ЕУ, амбасадори, дипломати, како и на министерот за надворешни работи на Никола Поповски.
Рамковен договор беше постигнат во 2001 година по преговорите во вилата Билјана во Охрид, со што беше ставен крај на конфликтот во земјата кој започна со вооружени напади на институции и регуларните безбедносни структури на Република Македонија од страна на паравоени формации формирани од албанската етничка заедница.
Во преговорите учествуваа тогашниот претседател Борис Трајковски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и тогашен премиер, Љубчо Георгиевски, лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски, лидерот на ПДП, Имер Имери, лидерот на ДПА, Арбен Џафери, како и претставници на ЕУ, Франсоа Леотар и Хавиер Солана , претставниците на САД, Питер Фејт и Џејмс Пердју и експерти.
По завршувањето на речиси едномесечните преговорите во Охрид, на 13 август во Скопје договорот го потпишаа: претседателот Борис Трајковски, лидерот на ВМРО ДПМНЕ и премиер Љубчо Георгиевски, претседателот на СДСМ Бранко Црвенковски, претседателот на ДПА Арбен Џафери, лидерот на ПДП Имер Имери, а како гаранти на договорот се потпишаа специјалните претставници на ЕУ Франсоа Леотар и на САД Џејмс Пердју.