Од 2 до 4 октомври во Охрид ќе се одржи јубилејниот 10-ти состанок на Македонското здружение за ретки болести. Целта на состанокот, како што посочуваат од Македонското здружение за ретки болести, е да се разменат искуства и најновите научни достигнувања во дијагностицирањето, третманот и менаџирањето на ретките болести, како и да се дефинираат идните стратегии за подобрување на грижата за пациентите.

Состанокот ја одбележува својата десетгодишнина, што претставува важна пресвртница во заедничките напори за подигнување на свеста и подобрување на квалитетот на живот на лицата со ретки болести во регионот. Настанот ќе собере претставници на лекарски здруженија, пациентски организации, експерти и истражувачи од земјите во соседството, но и од Германија, Белгија, Турција, Англија и други. Посебен фокус ќе биде ставен на педијатриските аспекти на ретките болести, со цел да се обезбеди подобра поддршка за најмладите пациенти, велат од Здружението.

Клучните теми на дискусија на состанокот ќе бидат раната дијагностика и скрининг, напредните терапии и клинички истражувања, регионалната соработка и размена на знаења.

Јубилејното издание на состанокот во Охрид претставува одлична можност за зајакнување на регионалната мрежа на експерти и за подигнување на свеста за предизвиците со кои се соочуваат лицата со ретки болести, додаваат од Македонското здружение за ретки болести.

OhridNews