Утре премиерна изведба на театарската претстава „Чернодрински се враќа дома“ по текст на Горан Стефановски, а во изведба и по повод 10 години од постоењето на Независна Аматерска Театарска Група „Аматер“. Режисер на претставата е Јован Цветкоски, а играат Томе Укоски, Леа Новеска-Цекиќ, Димитар Назифоски, Јован Цветкоски, Илија Трале Левески, Глигор Велјаноски и Ема Алекс.

Идејата за претставата произлезе пред неколку години, но почнавме да подготвуваме друга претстава во меѓувреме, вели режисерот Цветкоски на денешната прес конференција, додавајќи дека сепак изведбата се случува во вистинско време за нивниот 10-ти јубилеј бидејќи има многу симболика како во текстот, така и во поврзаноста со Чернодрински.

Процесот на подготовка на претставата траеше некаде околу три месеци. Почетно создавање на екипата, седумте актери, читачки проби, театарски игри и работилници, движење на сцена, до поставување пред неколку дена на сцената на Охридскиот театар. Во екипата имаше доста убава енергија за работа и хемија и многу лесно се одвиваа пробите. Сега сме ден пред премиерата и се тоа што го работевме и вложениот труд се надеваме дека ќе биде награден со аплаузи на крајот од претставата, вели Цветкоски.

Томе Укоски како дел од актерската екипа вели за разлика од другите претстави кои ги играле оваа имала некој нов предизвик за нив.

Драмскиот текст е со 14 сцени, а за потребите на оваа претстава беше отфрлена една така да имаме 13 посебни сцени и сите од актерската група играат повеќе улоги. Во таа смисла предизвик за нас како актери е да пробаме да доловиме повеќе улоги. Има доста промена на костимографија и сценографија што беше како дополнителен предизвик. Сите сцени се иронија-комедија со доста актерска игра, движење, така да се надеваме дека ќе им биде интересно на гледачите, вели Укоски.

Леа Новеска-Цекиќ вели дека утрешната премиера нема да е единствената изведба на претставата, туку имаат тенденција да истата има уште неколку изведби и надвор од Охрид.

Нашата тенденција е да има уште неколку изведби на оваа претстава. Засега немаме конкретно определни датуми, но се надеваме дека во наредниот период ќе успееме да ја играме уште неколку пати. Покрај идеите и желбите за играње уште неколку пати пред охридската публика, имаме план да ја поставиме истата претстава и во некои други градови во Македонија, додава Новеска-Цекиќ.

Навраќајќи се наназад на почетоците и форирањето на НАТГ „Аматер“, Укоски вели дека по успешната премиера на „Сите мои синови“ одлучиле официјално да го оформат нивниот Независен театар.

Нареден проект беше „Генетика на кучињата“ од Венко Андоновски. За разлика од „Сите мои синови“ во следната претстава бевме поголема група на луѓе кои ни се приклучија ентузијастички. Постоа следеа проектите „Буре Барут“ од Дејан Дуковски, „Ти во седум бои“ – мултимедијален проект по адаптирано сценарио на Јован Цветкоски, како и адаптација на „Белградска Трилогија“ од Билјана Србљановиќ – „Се’ до полноќ“. Најновиот наш проект се надеваме дека ќе помине успешно како и претходните изведби и се надеваме дека ќе продолжиме и во иднина да креираме успешни изведби, додава Укоски.

Претставата „Чернодрински се враќа дома“ ќе биде изведена на малата сцена при НУЦК „Григор Прличев“ – Охрид од 20 часот, а цената на билетот е 200 денари. Билетите се ограничени и може да се резервираат на тел. број: 078/413-946, или на билетарата на НУЦК Григор Прличев пред почетокот на преставата доколку не се продадени.

Н.С.Ј.