Членовите од советничката листа број 10 на Коалицијата на еколошки граѓански организации од Охрид денес одржаа завршна прес-конференција.
Носителот на листата на екологистите, Борис Стојаноски, и Ѓоко Зороски, дипл. инж. по животна средина, упатија благодарност до сите медиуми кои неуморно ја следеа кампањата изминатите 20 дена.
-Нашите пресови беа под ведро небо, од каде што и во изминативе 18 години непрекинато укажувавме, советувавме и превземавме акции за заштита на животната средина и здравјето на луѓето. Се сретнавме со неброено многу граѓани од градот и селските населби, кои воодушевено ја поддржуваа нашата непристрасна и аполитична листа. Граѓаните се едногласни дека доста им е од многуте политичари кои се замислуваат дека се стручњаци за сî и сешто. Најчесто поставуваат нестручни луѓе, донесувајќи профитерски одлуки во екологијата, здравјето, урбанизмот итн. Граѓаните особено нî поддржуваат заради нашата волонтерска работа не штедејќи го нашето време да набљудуваме и сигнализираме благовремено за нарушувањата во животната средина и општото здравје на сите, рекоа кандидатите за советници од Коалицијата на еколошки граѓански организации.

Ги повикуваме сите граѓани на кои им е важно каков воздух ќе дишат, каква вода ќе пијат, каква храна ќе јадат и чие здравје и здравјето на нивните деца им е над сî, да нî поддржат за еколошки советници заокружувајќи ја чистата десетка.
Што понатака, по 22 март? Нашите активности продолжуваат незапирливо. Отвораме канцеларија на Зелен центар во Охрид каде ќе се слеваат важни информации за животната средина за Охрид и глобално. Истите ќе бидат достапни за сите заинтересирани граѓани. Отвораме едукативни центри за производство на органска храна за земјоделците и невработените воопшто. Заеднички со идната градска управа и работни граѓански групи ќе го спроведеме процесот Зелена агенда, кој цели кон одржливиот развој и подобрување на квалитетот на животот. Во контакт сме со „Гринпис“ – најмоќната еколошка организација, правејќи заложби да донесеме нивни претставници во Охрид. Ќе станеме дел од светските еколошки збиднувања.
За зелен Охрид – битката продолжува, чиста десетка за екологијата! – порачаа во завршното обраќање кандидатите за советници од Коалицијата на еколошки граѓански организации.











