Над 10 милиони денари е долгот на охридското Јавно претпријатие „Градски Гробишта“, а 2012-та година е завршена со негативен финансиски резултат од 2 315 088 денари, информира новиот директор на претпријатието, Зоран Симоноски.
Според Симоноски, при извршување на делумни анализи од страна на надлежните, констатирани се голем број на неправилности, злоупотреби и недомаќинско работење на претходното раководство.
„Според официјалната завршна сметка за 2012-та година, усвоена од Совет на општина Охрид, негативниот финансиски резултат би бил сериозно зголемен доколку на оваа сума се додадат 1 600 000 денари за т.н фиктивно-штампани сметки за гробарина, на кои што нема ниту адреса, ниту детални информации, а истите не се доставени и не можат да се наплатат. За нив, платен е ДДВ во тој период од три месеци. Целта е да се напумпа завршната сметка за да се добие попозитивен извештај.“ – изјави Симоноски на денешната прес-конференција.
Тој додаде дека во контекст на финансиските резултати, незаконски се доделени скапи гробни места на вработени кои не се наплатени, а без одлука на Управниот одбор на претпријатието, личниот доход на вработените во период од 18 месеци е намален за 900 денари.
„Од она што можевме да видиме во службите, потрошени се средства за ресторански услуги и гориво во висина од 879 500 денеари, а имаме само едно службено воизло. По основ на ДДВ, должиме 700 000 денари, по основ на неисплатени плати и придонеси 2 милиони денари, за потрошена електрична енергија околу 1 200 000 денари. По основ на тековно работење, претпријатието должи 4 000 000 денари. Кога сето ова ќе се сумира, се доаѓа до вкупен износ од 8 900 000 денари. Ако кон оваа сума се додадат судски такси, затезни камати, поради судските спорови, Јавното претпријатие ќе ја надмине сумата од 10 милиони денари.“ – додаде Симоноски.
Според фактурираната вредност, физичките лица на претпријатието му должат 9 милиони денари по разни основи, но Симонсоки напоменува дека тие не се реални и се тешко наплатливи.
„Фактични тие се тешко наплатливи сметки во износ од 3 милиони денари, кои ги имаме по основ на гробарина за 2011-та година, но не можеме правно да ги наплатиме. Фактички и тешко наплативи сметки се и за гробарина за 2012-та година во вредност од 1 600 000 денари. Со тоа се доаѓа до износ од 4 600 000 денари, а кога ќе се одземат од тие 10 милиони, реалната загуба изнесува 5 500 000 денари.“ – истакна Симоноски.
Како што соопшти директорот на ЈП „Градски Гробишта“ во претпријатието е формирана комисија, која има задача да го испита ненаплаќањето и неевидентирањето на такси за каменорезци, односно вршењето на услуги во приватна режија.
O.T.