Околу 100 000 единки охридска пастрмка денеска запливаа во водите на Охридската езеро како дел од акцијата на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, ЈНУ Хидробиолошкиот завод и концесионерот на охридскиот дел од езерото „Пастрмка 2012“, за порибување и зголемување на рибниот фонд во овој воден басен.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Димоски, кој присуствуваше на денешната акција, истакна дека станува збор за грижа кон езерото, со која што од 2006-та година се порибен околу 14 милиони парчина во езерото.
„Вложени се средства од околу 35 милиони денари. Се интензивираат комуникациите и соработката со албанската страна, со што ќе се има поголема контрола врз изловот на рибниот фонд. Секој нареден вештачки мрест, ќе се обезбедуваат и собираат што е можно повеќе икра за да се порибува езерото.“ – истакна министерот Димоски.
Директорката на ЈНУ Хидробиолошки завод – Охрид, Сузана Патчева, истакна дека за разлика од претходните години, во оваа вештачкиот мрест се изведува во соработка со концесинерот, „Пастрмка 2012“.
„Вештачкиот мрест беше успешно реализиран во периодот од 21-ви јануари до 22-ри март годинава. Беа колекционирани околу 1.860.000 зрна икра од кои се добиени 1.760.000 индивидуи подмладок пастрмка со кои ќе биде порибно езерото.“ – истакна Патчева.
Ристе Танаскоски од концесионерот „Пастрмка 2012“, потенцира дека се настојува во секоја наредна година да се собере што повеќе икра, со што целосно ќе се возобнови рибниот фонд во езерото.
„Секој нареден вештачки мрест што ќе го обезбедуваме, ќе настојуваме да се собере колку што е можно повеќе икра и се надеваме дека со ваква физичка заштита ќе го возобновиме рибниот фонд на охридската пастрмка. Воопшто, рибокрадството во Охридското Езеро е намалено за најмалку 90 отсто со помош на вработените во „Пастрмка 2012.“ – потенцира Танаскоски.
Во оваа година за вештачкиот мрест, Охридското Езеро ќе се пориби со вкупно 2 100 000 единки охридска пастрмка на возраст од 6-9 месеци. Порибувањето, согласно динамиката во Програмите за изведување на вештачкиот мрест, ќе се реализира до крајот на месец септември.
Инаку, за вештачкиот мрест на струшкиот дел од езерото, е задолжен Институтот за сточарство, односно мрестилиштето „Шум“.
O.T.