Агенцијата за млади и спорт и компании спонзори- пријатели на ракометот, организираат бесплатен аранжман за проследување на натпреварите на македонската ракометна репрезентација на квалификацискиот турнир за пласман на Олимписките игри во Лондон, кој ќе се одржи во Гетеборг, Шведска од 6 до 8 април 2012 година.


Предвиден е организиран аранжман за 500 лица, од кои 400 лица ќе бидат избрани по пат на лотарија, а 100 лица ќе бидат претставници на навивачките групи од Република Македонија.

Лицата кои сакаат да конкурираат за избор преку методологијата на лотарија, треба да поднесат електронски пријави на web страната www.ovaemakedonija.mk каде постои унифициранa апликација за конкурирање.

Во рамките на апликацијата на пријавата, заинтересираните лица треба да ги поднесат следните податоци:

– име и презиме
– број на патна исправа-пасош (задолжително е поседување на биометриска патна исправа)
– контакт телефонски број
– email адреса

Процесот на конкурирање започнува денес (понеделник, 2 април 2012 година) од 23:00 часот и ќе трае до утре (вторник, 3 април 2012 година) до 18:00 часот. Извлекувањето на лицата кои конкурираат за добивање на аранжманот и учество во навивачката експедиција ќе се изврши во рамките на специјално организирана емисија на Македонската радио-телевизија која ќе се емитува утре (среда, 3 април 2012 година), на првиот програмски сервис со почеток во 20:00 часот.

Аранжманот вклучува:

– бесплатна карта за организиран автобуски превоз на релација Скопје – Гетеборг. Автобусите тргнуваат од автобуската станица во Скопје во среда на 4 април 2012 година рано наутро. Навивачите кои ќе бидат избрани, треба да бидат присутни на автобуската станица најдоцна до 7:00 часот во среда на 4 април 2012 година од каде организирано ќе се упатат кон Гетеборг. Враќањето од Гетеборг кон Скопје е предвидено за недела 8 април 2012 година, по завршувањето на натпреварот помеѓу Македонија и Бразил.

– бесплатен претстој во сместувачки капацитети во Гетеборг, Шведска, кое вклучува две ноќевања (петок 6 април кон сабота 7 април, и сабота 7 април 2012 кон недела 8 април 2012) со појадок.

– бесплатни влезници за натпреварите кои македонската ракометна репрезентација ќе ги одигра со Унгарија (петок, 6 април 2012 година), Шведска (сабота, 7 април 2012 година) и Бразил (недела 8 април 2012 година).

Информираме дека утре (вторник, 3 април 2012 година), со почеток во 10:00 часот, директорот на Агенцијата за спорт и млади, г-дин Лазар Поповски, во просториите на Агенцијата, ќе одржи прес конференција на која ќе соопшти и останати детали од интерес на јавноста.

Ohridnews