Со премиерна проекција на филмот „Живеејќи со Мајка Тереза“ на јапонскиот режисер и претседател на Јапонската филмска академија Шигеки Чиба, денеска во Скопје ќе биде одбележана 102-годишнината од раѓањето на Мајка Тереза.

Филмот е снимен за јубилејот 100 години од раѓањето на Мајка Тереза во 2010 година, а премиерно во Македонија се прикаЃува денеска во 19:30 часот во амфитеатарот на Спомен-куќата на Мајка Тереза.

Филмот содржи архивски снимки од посетата на Мајка Тереза на Јапонија во 1981 година. Авторот прикажува документарни снимки каде е претставен животот на јапонските волонтери, студенти по медицина кои се грижат за штитениците на Мајка Тереза во Домот „Нирмал Хридеј“ во Калкута и кои по нивното враќање во Јапонија, ја продолжувата мисијата на Мајка Тереза во нивната земја.

По повод 15-годишнината од упокојувањето на Мајка Тереза, на 5 септември премиерно ќе биде прикажан и вториот филм од истиот автор „Мајка Тереза и нејзиниот свет“.

Големата хуманистка и нобеловка за мир е родена во Скопје во 1910 година. На неполни 18 години заминала во Калкута каде што го основала редот Мисионери на љубовта и милосрдието и до упкојувањето во 1997 година им помагаше на болните и сиромашните, оставајќи го својот аманет дека светот е гладен за леб, но уште повеќе за љубов.

За својата хумана работа во 1979 година ја доби Нобеловата награда за мир. Во 2003 година папата Јован Павле Втори ја беатифицираше, т.е. ја прогласи за блажена, што е чекор до прогласување за светица.

OhridNews
извор:МИА