На денешен ден пред 11 години, во предвечерјето на големиот празник Св. Климент Охридски – Заштитникот на Охрид, беа објавени првите содржини на „www.ohridnews.com“, со што официјално започна со работа првиот информативен портал кај нас.

„Охридскиот цивилизациски код не заслужува кич култура. Ние имаме своја автентична етно историја и култура, но треба да направиме и достигнувањата на глобалната светска цивилизација да стигнат кај нас.“ – изјави светски познатиот музичар од Охрид Владимир Четкар во првото интервју објавено на OhridNews кој тогаш најави нова ера во информирањето.

Почетоците беа скромни. Со неколку компјутери, многу идеи но и многу непозната иднина. Денес OhridNews има сопствена редакција составена од професионалци кои секојдневно ја информираат јавноста за најактуелните случувања во градот, земјата и светот, доследно почитувајќи ги стандардите и етичките норми во известувањето.

Во своете единаесетгодишно постоење OhridNews има објавено над 111.000 информации, интервјуа, колумни, видео емисии и има реализирано бројни преноси од значајни настани и спортски натпревари. Со дневна посетеност од околу 15.000 IP адреси, околу 17.000 следбеници на социјаните мрежи, милионскиот преглед на содржините и високиот степен на доверба што го ужива порталот кај читателите, го сместува OhridNews на медиумскиот врв каде опстојува веќе 11 години.

OhridNews e препознатлив и по општествено одговорни проекти и поддршката на хуманитарни, културно – забавни, еколошки и спортски манифестации. Покрај бројните новини кои низ годините ги имплементираше во работењето следејќи ги модерните текови, OhridNews продуцираше квалитетни настани кои станаа прпознатлив белег на живеењето во градот но и пошироко како што се „Зимска бајка“, „Идиотека“, стендап шоуто „Детоксикација“, Годишната ревија на настани на која се прогласуваат најуспешните приказни во годината што изминува и многу други.

За својот придонес во афирмацијата на Охрид, OhridNews во 2008 година го доби највисокото општинско признание Св. Климент Охридски – Патрон на градот, а во 2010 година стана првиот информативен портал во Македонија кој ја доби Националната награда за придонес во развојот на демократските процеси, а добитник е и на бројни други награди и признанија.

Несебична поддршка порталот изминатите 11 години има од деловните партнери и клиенти кои во OhridNews препознаваат квалитет и рефлексија на успехот кој заеднички го споделуваме.

Ваш OhridNews