На денешен ден во 1912 година во селото Црвена Вода, Охридско е роден Ванчо Николески, македонски писател, претставник на првата повоена генерација македонски писатели за деца и младина.
По завршувањето на основното училиште во родното место, гимназија учеше во Охрид, а Учителска школа во Скопје. Неколку години учителствуваше во селата низ Македонија (Белчишта, Косел и др.). Тој е еден од првите учители на македонски јазик во селата на ослободена Дебрца по Втората светска војна.
По ослободувањето на Македонија, Николески работел како новинар и уредник на весникот „Титов пионер“ и во детските емисии на Радио Скопје и Радио Битола. Од 1950 година, тој бил член на Друштвото на писателите на Македонија.
За своето книжевно творештво, Николески бил добитник на повеќе книжевни награди, меѓу кои и наградите: „Климент Охридски“ и „Младо поколение“. Неговите дела се преведени на повеќе јазици, а тој самиот се занимавал со преведување од српски и од руски јазик. Во негова чест Друштвото на писателите на Македонија ја доделува наградата „Ванчо Николески“ за најдобра книга за деца и млади. Попознати дела: „Македонче“, „Мице“, „Школско ѕвонче“, „Четиринаесет илјади ослепени“, „Волшебното самарче“, „Гоце Делчев“, „Чуден дедо“, „Под виорното знаме“ и други.
Вчера во НУ Библиотека „Григор Прличев“ се одржа Омаж посветен на неговиот живот и творечки пат. На настанот присуствуваа и ученици од ООУ „Ванчо Николески“ од село Лескоец.
Нив и останатите посетители ги запознавме со творештвото на Николески, прочитавме негови стихови кои посебно кај децата предизивикаа радост, а им ја прикажавме и првата епизода од култната ТВ серија „Волшебното самарче“ работена по делото на Николески, информираат од Библиотеката.
OhridNews