Мобилната единица за безбедност во сообраќајот при МВР, вчера и денеска спроведе засилени контроли на територија на СВР Охрид, при што се занкционирани 115 возачи.
Во најголем број казните се за нерегистрирани возила, возење без возачка дозвола, исто така и возење под дејство на алкохол. Од вкупно изречените 115 санкции, 66 се во Дебар, а останатите се на територија на Охрид, информира портпаролот на МВР Тони Ангеловски.
Евидентно е дека се подобрува дисциплината на возачите, а со тоа се намалува и бројот на сообраќајни незгоди. Кога ќе ја направиме споредбата ноември 2020 со ноември 2019, имаме значително намалување на бројот на сообраќајни незгоди за 21%. Имаме исто така значително намалување на бројот на загинати лица во сообраќајни незгоди за 36%, за дури 75% е намален бројот на загинати пешаци во сообраќајни незгоди, а исто така евидентно е дека имаме и намалување во бројот на сообраќајни незгоди со тешки телесни повреди и тоа за 47%. – истакна Ангеловски.
Ангеловски посочи дека исто така, и на територијата на СВР Охрид значително е намален бројот на сообраќајни незгоди, особено оние со тешки последици, за дури 43%. Додаде дека намалувањето на бројот на сообраќајни незгоди не се должи на актуелната здравствена состојба, бидејќи интензитетот на сообраќај не е намален.
Сообраќајот е со ист интензитет, но имаме зголемена дисциплина кај возачите, зголемено почитување на сообраќајните правила и прописи и со самото тоа имаме помалку сообраќајни незгоди. – рече Ангеловски.
Портпаролот Ангеловски најави дека засилените акциски контроли ќе продолжат.
Апелираме до граѓаните заеднички да придонесеме за побезбедни улици и побезбедни патишта така што ќе ги почитуваме сообраќајните правила и прописи, ќе ги избегнеме и казните од МВР и она што е уште побитно, ќе ги зачуваме нашите животи и животите на нашите најмили. – истакна Ангеловски.
OhridNews