На денешен ден пред 13 години во магливо утро на автопатот Белград – Загреб кај Нова Градишка во тешка сообраќајна несреќа згасна животот на големата балканска музичка ѕвезда, Тоше Проески.

Тоше Проески 1981 – 2007

Иако имаше само 26 години зад себе остави импресивно музичко наследство. Издаде седум студиски албуми и испеа голем број хитови кои и ден денес се вртат на радиостаниците во земјава и опкружувањето. Посебно место во неговиот музички опус имаше македонската изворна музика, која благодарение на неговите преработки силно се реафирмираше.

Животот на Тоше заврши во годината кога одбележуваше десет години успешна кариера и кога таа почна да станува меѓународна. Албумот на англиски јазик „The Hardest Thing“, што го подготовуваше, беше постхумно промовиран.

Тоше го имаше целиот пакет потребен за еден музички артист да биде успешен. Неговото име остана симбол за бренд како треба да изгледа и да се однесува една Балканска музичка ѕвезда, а харизмата му беше толку силна што дури и да не поседуваше одлични вокални способности какви што поседуваше, неговото присуство на сцена нема да останеше незабележано. – велат за Тоше неговите колеги.

Тоше беше голем хуманист и човекољубец, верник и почитувач на традицијата. За време на неговиот живот го започна обновувањето на манастирот Свето Преображение во неговото родно Крушево, над кое сега се издига 33 метарски крст, како исполнување на неговиот сон.

Последниот концерт на Тоше – 5ти октомври 2007 во Скопје

Тоше остави длабока трага во срцата на луѓето и многумина го чувствуваа како свој најблизок. Обожавателите го прогласија за ангел, а неговото вечно почивалиште стана светилиште.

“Еден човек”
( песна од Академик Гане Тодоровски, посветена на Тоше )

Има еден има еден
Многу многу многу човек –
Белки цело човештво е!
Чунки живо божество е!

Има еден има човек
Од човека почовек е:
Прецедена човештина!
Препечена убавина!

Топлината на душата
Ти ја дава да се згрееш;
Бистрината на главата
Ти ја дава да успееш…

Тој со зборови те гледа,
Тој со очите ти збори –
Малкузборник — многусторник
Те облекува во грижи.

Го сретнеш ли, ти среќата
За цел живот ќе ја имаш,
Го видиш ли — видовит си,
Го снема ли — тешко тебе!

Има таков многучовек,
Твоето е да го бараш.

Крушево – песната за родното место на Тоше
во изведба на легендарните Влатко Стефановски и Раде Шербеџија

Како Охрид ја прими веста за смртта на Тоше

Непосредно по тажната вест за трагичната смрт на Тоше Проески на 16-ти октомври 2007 година, илјадници млади и повозрасни граѓани на Охрид спонтано се собраа на градскиот плоштад и тивко се простуваа од идолот на нацијата.

Утрото по смртта на Тоше во кафулињата околу Плоштад беше тивко, луѓето ги читаа весниците преполни со текстови за непрежалениот македонски херој.

„Џабе зборуваме, убајната замина засекогаш“ рече еден наш човек. Загубата е неповратна. Илјадници стихови и последни поздрави напишани од ученици, студенти, млади… просведочија тој тажен ден за големината, херојството, за патриотизмот на музичкиот гениј Тоше.

Нема утеха. Животот оди понатаму. Засекогаш во нашите срца ќе бидеш. Слава ТИ. – напишаа охриѓани.

Плоштадот во Охрид ден по смртта на Тоше

На иницијатива на ЛК Лихнидос, Охрид денеска, 16 октомври, на симболичен начин ќе ја одбележи 13 годишнината од смртта на Тоше Проески. Кафетериите и рестораните во текот на денот ќе ги пуштаат песните на Тоше, а локалните медиуми ќе емитуваат посебни прилози и содржини поврзани со Тоше Проески. Во спомен на него точно на пладне во Охрид ќе се огласат градските сирени.

Тоа е најмалку што можеме да направиме во спомен на Македонскиот ангел. – изјавија членовите на клубот.

 

Во иднина ЛК Лихнидос планира и поставување на пригодно спомен обележје на Тоше, веднаш до паметникот посветен на Горан Стефановски. Со креирање на таква Алеја на великаните, Охрид на најдобар начин ќе покаже респект кон најзначајните претставници на современата македонска култура и уметност.

Г.М.