Во Македонија од годишно склучени 14 илјади бракови, 13 проценти се малолетнички, во најголем дел склучени со малолетни девојки од ромската заедница. Од министерството за труд и социјална политика потенцираат дека потребно е да се сензибилизира јавноста за ова прашање, а младите да се едуцираат и да дадат отпор да не им бидат наметнувани вакви бракови.

– Влегувањето во малолетнички бракови е состојба во која што се злоупотребува женското дете со оглед на фактот што  станува збор за малолетно лице коешто не одлучува само за себе и не може правилно да расудува. Затоа потребно е младите да се едуцираат и да се поттикнат да се школуваат, вели министерот Спиро Ристовски.

Тој додава дека државата ќе направи максимални напори во насока на зголемување на свеста кај населението со цел да се избегнуваат овие форми на склучување брак поради тоа што ова е спротивно на интересите на младите деца.

– Ние ќе се фокусираме да ги едуцираме и поттикнеме да го продолжат своето образование и на тој начин да добијат правилен раст и развој,потенцира министерот Ристовски.

Според него, склучувањето вакви бракови неретко се оправдува со традицијата, вредностите и обичаите и затоа апелира младите да дадат отпор и да не прифаќаат да склучуваат вакви бракови, ветувајќи дека ќе им се помогне преку едукација и посебни кампањи.

OhridNews