Големата љубов кон фотографијата и природата на 16- годишната Филис Ајруш и донесе можност да стане финалист на интернационалната средношколска натпреварувачка олимпијада за заштита на животната средина Global Environmental Issues – US ( GENIUS 2013 ) project olympiad, која од 16-ти до 21-ти jуни ќе се одржи во Њујорк – САД.
Нејзината фотографија на која е прикажан цвет среде депонија и која пренесува универзална порака, е дел од проектот „ Environmental survivor“ со кој Филис аплицирала за Меѓународната олимпијада по екологија и кој, од страна на стручното жири, било одлучено да биде меѓу избраните 325 проекти од вкупно испратените 769 од целиот свет.
– Често можеме да видиме расфрлан отпад наоколу дури и во најубавите места во околината на Охрид. Природата е преубава, но за жал несовесните граѓани многу често ја загадуваат фрлајќи отпад и градежен шут. Секој од нас може многу да придонесе за заштита на околината. Ако ја чуваме и негуваме сите ќе имаме корист од тоа, вели младата Филис.
Мала сенка врз нејзината возбуда од постигнатиот успех да се учествува и натпреварува заедно со најуспешните средношколци од светот, засега фрла висината на патните трошоци кои Филис треба да ги обезбеди за учество на олимпијадата.
– Средствата кои се потребни за авио билетот се навистина високи, патувањето чини најмалку 1500 евра, без дополнителните трошоци. Сместувањето го обезбедува организаторот, но јас треба да ги обезбедам останатите пари кои се потребни за патувањето и престојот. Нема многу време, затоа што до 1 јуни треба да се потврди учеството на олимпијадата во Њујорк. Да се учествува на еден ваков настан значи многу и би била многу среќна доколку навреме ги обезбедам средствата и заминам на олимпијадата, вели Филис која се надева дека ќе замине во Њујорк каде пред стручните лица и своите врсници од целиот свет ќе може да ја пренесе пораката за грижата кон околината и планетата Земја.
Филис и нејзините родители од Австралија се вратиле во Охрид пред четири години. Иако тогаш не го владеелеа македонскиот јазик, сега веќе течно го зборува, исто како и турскиот јазик и англискиот. Стипендистка е на Приватното средно училиште „Јахја Ќемал“ од Струга, за кое зборува со нескриено задоволство.
– Односот со професорите е прекрасен, ни пренесуваат знаења, не мотивираат, во секој миг можеме да им се обратиме за било каква информација или совет, додава Филис .
Таа открива дека фотографијата била нејзина љубов подолг период.
– Отсекогаш сум сакала да фотографирам. Од пред три години добив и професионален фотоапарат и од тогаш постојано правам фотографии. Инспирацијата ја наоѓам во природата, а најомилени ми се фотографиите од зајдисонце, вели Филис.
Освен фотографирањето, Филис има постигнато и големи успеси при пишувањето на есеи. Беше првонградена меѓу 450 пријавени средношколци на одржаниот натпревар за најдобар есеј на македонски или англиски јазик по повод 50 години од говорот на Мартин Лутер Кинг, а се вброи и меѓу најдобрите кои напишаа есеј на македонски јазик на тема: Крсте Петков Мисирков.