Пред точно 17 години на овој ден беше направена првата интервенција, во тогаш новоотворената Катетеризациона сала во охридската Специјализирана боилница за кардиологија „Св. Стефан“ во Охрид, единствена таква во државата, надвор од Клиниката за кардиологија во Скопје. Воведувањето на интервентната кардиологија како дејност, во тогаш популарно виканиот „Кардиоилошки Завод” значеше почеток на нова етапа во развојот на оваа установа, а беше резултат на несебичното залагање и огромниот ентузијазам на мала група на визионери, предводена од тогаш младиот Др. Никола Бакрачески.
На првата интервенција и претходеше макотрпна борба за овој проект да доживее реализација, а која започна уште во 2002г. Беше изработен Елаборат и Проект за воведување на интервентна кардиологија како дејност, прифатен од Министерство за здравство. Се изработи Градежен проект за изградба на Работна единица за Интервентна кардиологија, Оддел за Интензивна кардиолошка нега и реанимација како и Ургентна амбуланта со Дневна болница. Следеа градежни активности, паралелно со кои се организираше нашата дијаспора од САД и Канада која го донираше првиот ангиограф. Во исто време течеше и едукација на првиот интервентен кардиолог од установата, Др. Бакрачески на Клиниката за Кардиологија во Скопје, Институтот за Кардиоваскуларни болести во Дедиње, Р.Србија, како и во повеќе вакви центри во САД и Европа. Круна на овие повеќегодишни залагања беше првата коронарографија, а веднаш по неа и првата перкутана интервенција на коронарните крвни садови со имплантација на стентови, направени со подршка на тим од Клиниката за кардиологија од Скопје на 21 Јуни 2006г.
По примерот на развиените земји трпеливо и упорно се создаваше мрежата и протоколите за третман на оваа животозагрозувачка состојба, покрај во Охрид и во Струга, Кичево, Дебар, Македонски Брод, Ресен, Битола. Бројни стручни состаноци и средби следеле со колегите од Интерните одделенија и Брза помош во овие места и што придонело денес да има современа мрежа за акутен инфаркт која обезбедува адекватно згрижување на овие пациенти уште при нивниот прв контакт со здравствените работници, како и значајно кратење на времето за кое истите се донесени во нашата Катетеризациона сала, време кое може да се споредува со најразвиените здравствени системи во Европа, истакнуваат од Специјализираната болница за кардиологија „Св. Стефан“. Во исто време се градеше и тимот кој обезбедува 24 часовно покривање на оваа дејност.
Во Специјализираната болница за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања „Св.Стефан“ во Охрид се изведуваат бројни комплексни процедури, а тимот е подготвен и за почеток на нови процедури.
OhridNews