Со проверени имиња и без никакви екперименти македонскиот селектор Сречко Катанец ја ковa стратегијата за претстојниот пријателски натпревар со Србија. Без разлика што мечот е од пријателски карактер Катенац од играчите ќе бара сериозен пристап.

Максимално сериозно му приоѓаме на овој тест. Поради паузата во повеќето од првенствата, февруари како месец, ако се прашуваме ние тренерите, не е термин за одигрување вакви натпревари. Затоа нема ништо да експериментираме и да менуваме, туку само ќе провериме во каква форма се наоѓаат играчите. Новини во играта и шанса за други потенцијални репрезентативци планирам од наредниот мартовски тест, па до септемврискиот почеток – вели Катанец.

За Словенецот натпреварот со Србија е само мал дел од “етапата” која не очекува во 2008 година. Контролата со Србија е прва во рамките на подготовките за стартот на “црвено-жолтите” во 9. група во квалификациите за СП 2010, каде на стартот на 6 септември ја пречекуваме Шкотска, а по четири дена ни доаѓа и Холандија. Во групата се уште и Норвешка и Исланд.

Мораме сериозно да се подготвиме за септемврискиот старт. Годинава ќе биде решавачка во квалификациите за СП. Никого нема да потцениме, секој натпревар е важен. Би било добро секоја средба да ја одиграме на најдобар начин и ако имаме шанса да победиме. Мислам дека и лани функциониравме добро и затоа останав. Сепак, најмногу зависи од тоа дали играчите ќе имаат проблеми во клубовите за шест месеци и дали ќе играат. Резултатите и јас зависиме од нив и мене ми е најлесно за септември да знам дека ќе играат за да бидеме во најдобра форма и да победиме онаму каде може да се победи, истакнува Катанец.

Наредниот месец пријателска со Б и Х

Македонија и БиХ по петти пат меѓусебно ќе се тестираат на 26 март годинава, потврдија од ФФМ. Новата пресметка ќе биде вторпат во Зеница (20 ч.), каде што „црвено-жолтите” пред 8 години беа поразени со 1:0. На гостувањето во Сараево, контролата заврши без победник (4-4), како и на премиерниот дуел во Скопје (1-1). Македонија забележа победа (1-0) на последната контрола во 2004, во Скопје.  Покрај дуелот со БиХ, македонската репрезентација има договорен тест-меч и со Полска, за 26 мај, на неутрален терен, во Германија.

[email protected]