По извршените контроли од страна на министерството за внатрешни работи,а во содејство со УЈП, во рамки на акцијата Детонатор, од 1-ви април годинава, е констаирано дека 29 објекти – автомат клубови, лоцирани во повеќе градови на територијата на Р.Македонија приредувале игри на среќа, без да поседуваат лиценци, согласно Законот за игрите на среќа и забавни игри.

Од нив: шест објекти на подрачје на Кочани (четири во Кочани, по еден во с.Облешево, с.Оризари), пет на подрачје на Струга (два во село Лабуништа и по еден објект во  Велешта, Вевчани и Струга), пет на подрачје на Гостивар ( четири во Гостивар и еден во с. Форино), четири во  Македонска Каменица, два објекта на подрачјето на Делчево, три објекти во Тетово, два во Куманово, и по еден во Крива Паланка и Кратово. При извршените контроли во овие објекти пронајдени се и одземени 574 покер апарати, 17 електронски рулети и маса за играње „Блек џек“, кои биле ставени во функција и на истите неовластено се организирале игри на среќа (комар).

При извршените контроли пронајдени се  вкупно 953 автомати за игри на среќа (934 покер апарати, 18 електронски рулети и маса за играње „Блек џек“). Како резулат на извршените контроли и утврдените неправилности во работењето на објектите, од страна на МВР до надлежните обвинителства во РМ поднесени се вкупно 16 кривични пријави против 19 физички поради постоење на основано сомнение дека сториле кривични дела „даночно затајување“ ,  „комар“ , како и кривично дело „приредување на игри на среќа без лиценца, односно дозвола од надлежен орган“ и 8 правни лица за кривично дело „приредување на игри на среќа без лиценца, односно дозвола од надлежен орган“ .

Со сторување на овие кривични дела пријавените го оштетиле Буџетот на РМ во вкупен износ од 9.848.715 евра по основ на неплатени давачки предвидени со „Законот за игри на среќа и забавни игри„.

Имено, Центарот за сузбивање на организиран и сериозен криминал поднесе четири кривични пријави против пет физички  и две правни лица, СВР Охрид-НККР Струга поднесе пет кривични пријави против пет физички и две правни лица, СВР Тетово поднесе пет кривични пријави против седум физички и четири правни лица (ПС Гостивар три кривични пријави и ОКР-ОЕК Тетово две кривични  пријави) и  СВР Куманово две кривични пријави против две физички лица.

Пријавените со цел да се стекнат со противправна имотна корист во периодот од 2006 година до 2012 година набавиле и спротивно на законските прописи ставиле во промет апарати на кои  неовластено организирале игри на среќа (комар), без при тоа да ги превземат со закон предвидените постапки за регистрација на објектите како „автомат клуб“ во рамките на трговски друштва кои ги поседуваат, со намера целосно да ги одбегнат давачките предвидени со Законот за игрите на среќа и за забавните игри.

Инаку, сопствениците на објектите согласно законските прописи биле должни на сметка на Буџетот на РМ да уплатат надоместок за добивање лиценца во износ од 78.750 евра (за секој автомат клуб) и по 375 евра месечен надоместок за автомати за игри на среќа за еден учесник (покер апарати) и по 675 евра месечен надоместок за автомати за игри на среќа за повеќе учесници (електронски рулети).