Во време кога интернетот во Македонија сè уште ги правеше првите чекори, во 2006 година се појави портал што ги постави темелите на новото, дигитално новинарство. Таа година беше роден OhridNews.com – медиум што со текот на времето стана повеќе од информативна платформа. Стана навика, партнер, доверлив глас и огледало на случувањата во Охрид и пошироко.

Денес, речиси две децении подоцна, нашиот портал слави 19-ти роденден. Деветнаесет години професионализам, посветеност и новинарска љубопитност која не згаснува.

Со речиси 200.000 објавени вести, поголемиот дел авторски текстови, OhridNews останува препознатлив по својата професионалност и квалитет. Порталот беше сведок на сите големи настани што го обликуваа градот и регионот изминатите две децении, секогаш меѓу првите што ги пренесуваа информациите, точни, јасни, проверени и објективни.

OhridNews одамна не е само текст. Тој е и богата видео продукција, од кратките „1 минута вести“ кои станаа заштитен знак, до подкасти, интервјуа, документарни филмови, креативни видеа и преноси во живо што низ годините ја збогатија медиумската сцена. Растеше технологијата, растеше публиката, растеше и порталот – но вредностите останаа исти.

Новото време носи можности и предизвици. Ние ги следиме трендовите, но остануваме цврсти во определбата успехот да го градиме со професионален однос, почитување на етиката и објективноста. Довербата е наш најголем капитал. Затоа ќе продолжиме да информираме точно, навремено и одговорно, и да се бориме за квалитет во онлајн просторот, каде битката сè повеќе се води за кликови, а не за вистината, вели основачот и главен уредник Горан Момироски.

Во време кога интернетот е преполн со врева, OhridNews и понатаму избира да биде јасен глас. Портал кој не брка сензации, туку информации со значење. Портал кој не ги брои лајковите, туку вредностите.

🎂 19 години подоцна, нашата приказна продолжува – подинамична, посвесна и подеднакво посветена на јавниот интерес. Следните години нека донесат уште повеќе идеи, проекти и новинарски успеси што ќе ја движат медиумската сцена напред.

Среќен роденден, OhridNews!