На граничниот премин Табановце, во автобус со македонски регистарски таблички кој патувал на релацијата Струга – Берн, во внатрешниот дел од автобусот во просторот наменет за личниот багаж, царинските службеници откриле околу 2 килограми  марихуана. Дрогата е откриена во две најлонски кеси во кои биле ставени четири кутии од чајни колачи, од кои внимателно биле извадени колачите и на нивно место била ставена дрогата.

На прашањето на царинските службеници чии се најлонските кеси во кои била скриена дрогата, никој од патниците не се пријавил. По спроведените предистражни мерки за откривање на сторителите, царинските инспектори од Одделението за истраги утврдиле дека марихуаната била купена од страна на лице од село Студеничани, со цел дрогата да ја пренесе во Австрија.

Лицето е лишено од слобода и е предадено во Основниот суд Скопје I, каде му е определена мерка притвор во траење од 30 дена. Царинската управа против осомничените поднесе кривична пријава за сторено кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги психотропни супстанции и прекурсори до надлежното Основно јавно обвинителство.

OhridNews