Два милиона патници патувале преку скопскиот и охридскиот аеродром во 2017 година, што претставува пораст од 13% споредено со 2016 година, соопштуваат од ТАВ Македонија, сумирајќи ги податоците за авиосообраќајот за изминатата година.
– Ова е резултат на новите линии што беа додадени на нашата мрежа на скопскиот и на охридскиот аеродром. Пет нови дестинации– Будимпешта, Малта, Рим, Ваксјо и Доха почнаа да сообраќаат од/до аеродромот во Скопје, додека на аеродромот во Охрид воведовме нови сезонски летови од Катовице, пречекувајќи полски туристи за прв пат. Во 2018 година и понатаму ќе бидеме фокусирани на проширување на мрежата со авиолинии, но исто така и на нашата цел да обезбедиме услуги со висок квалитет на нашите патници и клиенти-изјави Алпер Ерсој, генерален директор на ТАВ Македонија.
Паралелно со порастот во сообраќајот на патници, вкупниот број на летови на двата аеродрома во Скопје и во Охрид е зголемен за 7%, достигнувајќи 18.130 летови во 2017 година. Според податоците за сообраќајот на патници, најфреквентни дестинации од скопскиот аеродром во 2017 година беа Истанбул, Цирих, Виена, Базел, Малме и Лондон. Во однос на уделот на авиокомпаниите во сообраќајот на патници, Виз ер има превезено најголем број патници со 59% пазарен удел.
Во моментов, мрежата на линии на аеродромот „Александар Велики“–Скопје има вкупно 36 дестинации, а 11 редовни авиокомпании ги опслужуваат овие линии. На аеродромот „Св. Апостол Павле“–Охрид има 3 редовни дестинации во текот на целата година и 4 дополнителни сезонски чартер-дестинации во текот на летото. Три нови сезонски авиолинии од Охрид до Варшава, Талин и Ајндховен се најавени да бидат воведени во 2018 година.
OhridNews












