Околу 20 лица со убоди од крлеж се регистрирани оваа недела во Одделението за хирургија при Општата болница Охрид, додека ниту едно заболување предизвикано од овој инсект не е забележано, информираат од Центарот за јавно здравје – Охрид.
Оттаму напоменуваат дека доколку граѓаните забележат убод од крлеж, потребно е итно да се обратат кај доктор, со цел инсектот правилно да биде отстранет од кожата што е можно побрзо.
„Доколку сами го отстранувате крлежот постои опасност, бидејќи тоа може неуспешно да го направите, односно дел од рилката да заостане во кожата. Местото на убодот набљудувајте го најмалку месец дена. Појавата на црвенило е аларм за итно јавување на доктор за понатамошен третман.“ – вели д-р Јованка Стурлакова – Коровешовска, специјалист по епидемологоија при Центарот за јавно здравје – Охрид.
За заштита од убодите од крлеж, постојат низа превенетивни мерки кои треба да се почитуваат во летниот период. Како што напоменува д-р Стурлкова – Коровешоска, треба да се избегнуваат региони и локации каде што е познато дека има крлежи.
„Доколу престојувате во место каде има крлежи, носете облека која нема да остава откриени делови од телото. Покријте ги рацете, нозете и другите експонирани делови како врат и глава. Краевите на пантолоните вовлечете ги во чорапите, а кошулите со долги ракави закопчајте ги до горе. Испрскајте ја облеката со спреј на база на синтетски пиретроид – перметрин или употребете купена, специјална третирана со перметрин облека, за да се намали можноста за закачување на крлеж на алиштата. Внимавајте да не се прска од спрејот по кожата на откриените делови од телото.“ – напоменува д-р Стурлакова Коровешовска.
Дополнителна заштита обезбедуваат репелентите против крлежи и инсекти, кои соддржат диетилтолуамид(ДЕЕТ), а кои можат да се нанесат на гола кожа.
„За постигнување на максимален ефект, нанесувајте репелент на секои 1-2 часа, ако престојот во ризични предели е подолготраен. После можна експозиција на убоди од крлежи, направете детална проверка на своето тело и облека, како и на телото и облеката на вашите деца. Посебно посветете внимание на влакнестите делови од телото, каде крлежите најчесто се закачуваат, вклучително главата, вратот и пределот зад ушите особено кај децата. Исто така, тие најчесто се закачуваат во прегибите на телото како пазувите, препоните, стомачните прегиби и под градите кај жените.“ – додава д-р Стурлакова Коровешовска.
Болестие кои се пренесуваат со убод од крлеж, а кои ова лето не се регистрирани во земјава се вирусните Конго-кримска хеморагична треска, енцефилатис, Западно -европски енцефилатис, Руски пролетно-летен енцефилатис и Омска хеморагична грозница. Од бактериските заболувања познати се Лајмската треска, Рикециози – Марсејска треска и Повратната треска.
Инаку, не секој крлеж е заразен, меѓутоа каснатите треба да побараат медицинска помош бидејки заболувањата можат да се појават и после неколку месеци. Овие инсекти спаѓаат во групата на пајаковидни членконоги, а се множат на влажно време и ги има во грмушките, дрвата и високите треви.
O.T.