Дваесет луѓе загинаа при уривање на стар авион од времето на Втората Светска Војна, на падините на Швајцарските алпи. Полицијата потврди дека авионот Јункер-52 пренесувал 17 патници и тројца членови на екипажот, на туристички лет низ алпскиот предел.

Операторот Ју-Ер, изрази жалење за несреќата и воспостави линија за помош на роднините. Во моментов се приземјени сите авиони на компанијата.

Засега не се знае причината за падот на леталото, кое се урнало на земја во речиси вертикален пад, велат од екипата која го истражува инцидентот. Не се случил судир, ниту со друго летало, ниту пак со кабел или друга пречка во областа.

Полицијата соопшти дека патниците биле на возраст од 42 до 84 години, и дека нивните роднини се известени за несреќата.

Авионот летал од местото Тицино, на југот од Швајцарија, до воената база Дубендорф во близина на Цирих. Се урнал од висина од околу 2500 метри.

Компанијата ЈУ-Ер организира тури за разгледување на околината, во стари летала од германско производство.

Во друга авионска несреќа вчера, загина четиричлено семејство , меѓу кои две деца. Малиот авион со кој летале паднал во централна Швајцарија.