Завршувањето на фудбалска сезона, oзначи сумирање на успесите и сработеното од Општинските фудбалски сојузи, екипите и другите тела кои се дел од македонскиот фудбал. Годината во заминување е една од најуспешните на Општинскиот фудбалски сојуз Охрид, кој ги исполните сите зацртани работи во и надвор од фудбалот. ОФС Охрид,  точно 42 години е вистински пример за успешно и транспаратно работење, а успеси има на секое поле, каде што има свои преставници.

  • Награда за долгогодишното работење во интерес на фудбалот, јас како прв човек на ОФС Охрид и Тони Иваноски како член на Управниод одбор во Фудбалската федерација и сите спортски работници кои активно се вклучени во органите и телата на ОФС добивме оваа година, која можеме да окарактеризираме како успешна. И наназад години сме имале успеси, но како оваа никогаш. – сумираше првиот човек на Општинскиот фудбалски сојуз, Димче Попоски.

Најголемо признание за работата на ОФС Охрид и Судиската организација за 2018 година стигна од Судиската организација при ФФМ, која за најдобар судија го прогласија охриѓанецот Марјан Маркоски. Искусниот судија повеќе десет години е дел од судиската елита, а годинава го судеше финалето во Купот на Македонија помеѓу Пелистер – Шкендија заедно со сограѓаните Жарко Тодоровски и Марјан Ецкоски.

  • Прва и најголема радост ни донесе признанието за најдобар судија во македонскиот фудбал на Марјан Маркоски од Судиската организација. Нашиот арбитар долги години ја дели правдата во Првата и Втората МФЛ и признанието заврши во вистински раце. Маркоски треба да биде пример за нашите млади судии во кој правец треба да се насочат. – изјави Попоски.

Реорганизирањето на Градскиот фудбалски клуб Охрид Лихнидос со помош на Општината Охрид е втор и многу значаен успех за ОФС Охрид. Охридските фудбалери први низ целта ја минаа есенската полусезона во Третата МФЛ и на добар пат се за искачување ранг погоре односно во Втората МФЛ-запад.

  • Со голема помош од Општината Охрид предводена од Градоначалникот Јован Стојаноски успеавме да го реорганизираме ГФК Охрид и да го застенеме на здрави нозе. Клубот организациски се искачи еден ранг погоре, а сигурно следната година ќе бидеме и натпреварувачки исто така погоре. Исто така многу значајно да се каже дека играчкиот ростер е составен од исклучиво фудбалери со охридско потекло. Така ќе продолжиме и се надевам покрај фудбалот, ќе ја вратиме и публиката на стадионот. – потенцираше претседателот на ОФС Охрид.

Шлагот на тортата за ОФС Охрид и фудбалот воопшто беше позитивниот одговор од УЕФА за апликацијата за изградба на современа трибина која ја поднесе Општина Охрид. Стадионот „Билјанини Извори“ ќе добие трибина од светски размери со капацитет од 800 до 1000 столчиња. Изградбата на трибината која ќе се наоѓа на исто треба да започне следната година, а да заврши 2020.

ОФС Охрид во 2018 ја продлабочи соработката со Општинскиот фудбалски сојуз од Јагодина, Србија, а повеќе од успешно ја водеше Третата македонска фудбалска лига југо-западен регион во првата полусезона.. Во 2019, ОФС Охрид го очекува поголема работа и одговорност, бидејќи во годината што изминува постави голем критериум.

OhridNews