Иако младинската екипа на ГРК Охрид претрпе пораз на гостувањето кај Вардар во Скопје со 39:34 (18:12), натпреварот од 11. коло во Младинската машка ракометна лига го одбележа извонредниот настап на талентираниот охридски ракометар Тане Јанчески, кој постигна дури 21 погодок.
Резултатот остана во сенка на индивидуалното достигнување на младиот ракометар, кој реализираше повеќе од половината погодоци на својот тим. Неговите 21 гол претставуваат впечатлив учинок, особено на гостински терен против квалитетен противник како Вардар.
Иако голгетерскиот настап на Јанчески не беше доволен за позитивен резултат, тој уште еднаш го отвора прашањето за значењето на младинските категории и создавањето сопствен играчки кадар.
ГРК Охрид во изминатите сезони направи голем исчекор на сениорската сцена, крунисан со освојувањето на ЕХФ Европскиот куп минатата сезона. Но, покрај резултатите на првиот тим, долгорочниот развој на клубот зависи и од работата со младите ракометари, нивното правилно насочување и можностите постепено да се наметнат во сениорска конкуренција.
Токму настапи како оној на Јанчески покажуваат дека во младинскиот погон има потенцијал кој заслужува внимание, континуирана работа и поддршка. Индивидуалниот талент е важен предуслов, но за негово преточување во врвен спортски квалитет неопходни се квалитетен тренажен процес, натпреварувачко искуство и трпеливо градење на играчите.
Охрид петти на табелата, следува Алкалоид
По 11 одиграни натпревари, младинската екипа на ГРК Охрид се наоѓа на петтото место на табелата со осум бодови и биланс од четири победи и седум порази, со гол-разлика 314:361.
Лидер е Мулти Есенс со 20 бодови, пред Бутел со 19 и Вардар со 16 бодови. Четвртопласиран е Еурофарм Пелистер 2 со 13 бодови, додека зад Охрид се Алкалоид со шест, Еурофарм Пелистер со два и Илиден со еден бод.
Во следното, 12. коло, младите „гладијатори“ ќе го пречекаат Алкалоид. Натпреварот е предвиден за 29 ноември во Охрид, а точната сатница дополнително треба да биде потврдена.
Младинските натпреварувања се важна развојна основа за секој сериозен спортски колектив. За ГРК Охрид, кој веќе се етаблираше на европската сцена, создавањето нови генерации квалитетни домашни ракометари претставува значајна инвестиција во иднината на клубот.
Г.М.














