Од подрачното одделение на Државната изборна комисија информираат дека привршиле подготовките за теренската проверка за ажурирање на избирачкиот список, која стартува денес. За потребите на општините Охрид и Дебрца ангажирани се 25 анкетари, на кои ќе им се приклучат и наблудувачи кои ќе бидат овластени од страна на четирите поголеми политички партии.
– Подрачното одделение е целосно подготвено за спроведување на теренските проверки, повикани се сите 25 анкетари за општините Охрид и Дебрца. Денес се одвива последната подготовка за излегувањето на терен. Целта е да се врати довербата на гласачите кон избирачкиот список како еден од важните акти за да има валидни избори, вели Марга Димоска од подрачното одделение на ДИК.
Димоска информира дека од страна на граѓаните најголемиот број реакции и поднесени пријави биле во однос на повеќе запишани луѓе на иста адреса.
– Највеќе пријави има дека на една адреса, односно еден број од адреса се водат повеќе луѓе, тоа не мора да значи дека е грешка, ниту пак дека е некаков проблем во избирачкиот список, бидејќи тие луѓе се наоѓаат во списокот, но сега со проверките ќе се утврди зошто сите тие луѓе се на исти број, додава Димоска.
Од Државната изборна комисија беше најавена можноста сите неконзистентни записи да се објават на интернет страницата на ДИК, заради транспарентност на процесот.
Т.К.