Охридското Супер радио денес, го прославува 25-тиот роденден. Приказната започна во ноември 1992 година, веднаш по осамостојувањето на Република Македонија. Со неа растеше и се развиваше, со неа ги помина сите детски болести, со неа стигна до 25-тата година од постоењето. Во моментов програмата се емитува преку најсовремена предавателна техника на фреквенција од 97.00 Mhz на FM скалата од предавателниот пункт кај „Гореничка Чука”, од која зрачат најголемиот дел од локалните и националните медиуми во регионот на Охрид и Струга.

Супер радио големо внимание посветува на информативниот дел од програма, до слушателите се испорачуваат кратки локални вести во 07:00, 10:00, 12:00, 14:00 и 15:15 часот. Вестите се 100 % од локален карактер и ги третираат само проблемите што ја засегаат заедницата. Супер радио денес е препознатливо, пред се, по модерниот радио израз, актуелната музика, вкусно избрана за постарата и помладата популација слушатели, но и по информативните содржини.

– Овој роденден го славиме цела година, затоа што е важен за нас и сакавме да му дадеме посебно значење. Го пречекуваме со комплетно дигитално студио, со новитети во програмата, нови лица, нови гласови и многу успешни проекти кои се зад нас и многу најави за уште поинтересни пред нас. Зас нас е Талент шоуто ОхридСУПЕРСТАР, проектот Досие ОХРИД, потоа Охрид во 10, сите направени оваа година. Огромен дел од нашите активности се и промотивните акции кои ги правиме со најголемите локални и државни компании, а во кои имавме многу донации, многу вредни награди, внесовме многу ведрина и насмевки онаму каде што ги немаше или беа подзаборавени. Ветуваме многу интересни содржини, многу ќе се слушаме, многу и ќе се гледаме, потписот на Супер радио ќе го има на многу места. Ви благодариме за довербата што ни ја давате веќе полни 25 години, одиме понатаму, вели Јане Стефанов, главен и одговорен уредник.

Сопственикот на радиото, Сашо Митаноски, потенцира дека 25 годишниот јубилеј е особено значаен.

– Важен е како потврда дека трудот на оние стотина луѓе кои поминале низ радиото не е залуден, дека ние, кои сега ги пишуваме страниците сме ги продолжиле и надградиле нивните напори. Супер радио за мене се овие 20-тина млади луѓе кои се сега во радиото, со кои се разбираме со неколку збора или половина поглед. Тие се она вистинското Супер радио и јас им ја оддавам комплетната заслуга. Супер радио никогаш нема да е доволно СУПЕР без Јане, Тони, Жанко, Александра, Реџо, Даниела, Даниел, Јуксел, Ванчо, Радмила и сите други кои се трудат магијата да не згасне, вели Митаноски.

Супер радио веќе подолг временски период е препознатливо во регионот и во маркетиншкиот и продукцискиот дел. Покрај сопствените авторски радио емисии, продукција на радио елементи, џинглови, авторски песни и продукција, започнавме и со креирање на видео материјали и видео проекти. Оние кои најсилно одекнаа во јавноста се секако Талент шоуто ОхридСУПЕРСТАР, проектот Досие ОХРИД, потоа Охрид во 10.

OhridNews