Голем број охриѓани, сега вешти возачи, своите почетоци и први знаења за управувањето со возило ги стекнале во охридската Авто школа „Старс Инженеринг“. Отворена меѓу првите приватни школи во Охрид и регионот, во 1993 година од м-р Соња Д. Шикалоска, две и пол децении бележи тренд на постојан развој и успех.
Авто школата во изминативе години континуирано изведува теоретска настава во групи и индивидуална настава, квалитетна практична обука со возачи-инструктори со долгогодишно работно искуство. Единствена во градот со најголем број вработени возачи-инструктори жени кои успешно ги извршуваат своите работни задачи во улога на возачи-инструктори. Од средината на 90-те години, високо квалификуваниот кадар на АШ Старс дава стручна експертиза во судските вештачења од областа на сообраќајот.
– Како и сите почетоци така и нашиот беше тежок. Почнавме во април 1993 година со сопругот, како први двајца вработени во авто школата со високо образование. Карактеристично за нашата школа е тоа што во овој регион јас бев прва жена инструктор. Почнавме со две моторни возила „Југо 45“, така бараше законот, минимум две возила и двајца вработени со континуирано спроведување на програма. Првото полагање кое беше спроведено во нашата школа за теоретска настава се одржа во мај. Комисијата од МВР дојде тука и од 15 кандидати теорија положија само пет. Дојдов да прашам како поминале и од комисијата ми честитаа затоа што положиле пет кандидати. Не бев задоволна, зошто само пет? Ме прашаа – дали знаете во Охрид колку кандидати до сега имаат положено? Во период од три месеци, по промена на тестовите, положиле само тројца кандидати во целиот град. Комисијата беше презадоволна. Тоа значи, доколку има квалитетна настава има и квалитетни возачи, вели сопственичката на „Старс Инженеринг“, м-р Соња Шикалоска.
Со текот на времето се обновувал возниот парк, се зголемувал бројот на инструктори, категории и бројот на кандидати.
– Се надградувавме, проширувавме, возниот парк се замени со возла „Тико“ кои беа многу полесни за обука. Се додадоа нови категории, се зглемуваше бројот на вработени. Но, она што е примарно за нас, гледаме да надвладее знаењето и квалитетот на возачите, бидејќи тоа е и наш успех, додава Шикалоска.
Најголемиот број кандидати се младите кои треба да завршат средно образование или штотуку го завршиле. Но, во текот на речиси трите децении работа, м-р Соња Шикалоска како инструктор имала и поинакви искуства.
– Имав кандидатка која полагаше на 63 години. Останале сами со сопругот кој беше болен па не можел да вози и сопругата била приморана да научи да управува возило и да го носи на терапија. Како член на испитна комисија во Кичево, имавме и маж кандидат кој на 72 годинишна возраст се обложил со сопругата дека ќе положи за возење. Желбата е голема, но и потребите многупати се пресудни за полагање, раскажува Шикалоска.
Како возач инструктор кој постојано е низ охридските улици, Шикалоска се соочува и со низа проблеми во сообраќајот кои сериозно влијаат врз безбедноста и квалитетот на управувањето со возилата.
– Најголем проблем е што има голем број оштетувања на сигнализацијата, не сме совесни и не ги чуваме, а тие живот можат да спасат. Голем проблем се и неправилно паркираните возила и затоа не може точно да му се каже на кандидатот правилно да се вклучи или престрои. Понатаму, искусните возачи немаат трпение за новите возачи, забораваат дека биле на истото место. Се случува на знак СТОП да застанеме, па свират зошто сме застанале кога нема возила. Ги замолувам да имаат трпение. Кандидатот е во дилема дали да ги почитува указите на инструкторот или да реагира на другите возачи. Ние мора да ги почитуваме сите знаци и правила, вели Шикалоска. Нејзин совет до сите возачи е да се почитуваат сообраќајните правила и знаци, независно од искуството и возраста на возачите, бидејќи само на тој начин ќе се намалат сообраќајните незгоди.
Успешната приказна на Авто Школата „Старс Инженеринг“ продолжува. Во секојдневните обврски и менаџирање од неодамна се вклучени и двајцата синови кои со свои идеи и потенцијал ќе го продолжат она што го започнале нивните родители.
Јубилејот, 25 години работење на „Старс Инженеринг“ се одбележа синоќа, со пригодна свеченост во угостителскиот објект „Влахов 52“ во присуство на голем број пријатели, деловни партнери и гости.
Фото галерија
фото: Мега продукција
25 години успешната приказна на авто школата „Старс Инженеринг“ продолжува
Т. Кувенџиска
фото: Мега продукција