25 годишното уметничко творештво со бакар охриѓанката Данче Наумоска ќе го одбележи со јубилејна изложба насловена „Приказ на животот преку виното“.

Изложбата, на која ќе бидат прикажани 25 дела, претставува визуелен приказ на животот низ симболиката на виното и природата што создава. Истата е подредена во пет фази што го следат текот на постоењето, од настанување преку плод, раст и заедништво во духовност и смиреност.

Оваа изложба за мене не е само јубилеј туку сведоштво за еден пат што го започнав следејќи ги чекорите на татко ми. Од првата табла бакар во мојата работилница, до содавање на брендот Cooper Art и сега со нова енергија и идеја што доаѓа од мојот син Кирил. Инспирирана од иконостасите во нашите цркви-богата историја и занаетчиство- го изработив моето прво дело „Винова лоза“. Од желбата да се поврзам со тие корени се роди и темата на оваа изложба „Приказ на животот преку виното“, вели Наумоска.

Нејзините изработки се нејзиниот автопортрет, најголема инспирација за сите убави нешта, синото езеро, историјата и нашето културно наследство. Нејзина слабост се оние неоткриени нешта, недопрени, оние нешта кој никој не успеал да ги уништи.

Работејќи со бакарот се губи негативната енергија, душата станува поисполнета, вели Наумоска.

Изложбата „Приказ на животот преку виното“ ќе биде отворена во петок, 4-ти јули од 19 часот во Гимназијата „Св. Климент Охридски“. Истата се реализира со поддршка од Општина Охрид.

Н.С.Ј.