Охридското Езеро денеска беше порибено со 25.000 единки подмладок охридска пастрмка, согласно договорот со концесионерот на Охридското Езеро „Пастрмка 2012“.

-Единките 8,5 месеци се прихранувани во инсталациите за одгледување  на Хидробиолошкиот завод во Охрид. Нивната просечна тежина е околу 5 грама, а должината осум сантиметри. Шансите за опстанок се над 90 проценти бидејќи се во витална состојба и доволно возрасни, истакна директорката на Хидробиолошкиот завод од Охрид Сузана Патчева.


Концесионерот „Пастрмка 2012“, истакна дека покрај збогатувањето се води голема грижа и за заштита на рибниот фонд, за што се ангажирани 26 рибочувари, а во тек е и набавка на софистицирана опрема за заштита на рибниот фонд.

-Ваква физичка заштита на Охридското Езеро досега немало. Во тек е  набавка на аудио визуелна опрема за набљудување, а рибочуварската служба веќе е опремена со двогледи со ноќни визори. -изјави Ристе Танасоски од „Патрмка 2012“.


Тој истакна дека досега се поднесени повеќе пријави за рибокрадство и дека за секој таков случај се известува надлежниот државен инспекторат. И покрај преземените мерки, иако во помал обем, се уште се бележат случаи на рибокрадство, што доведува и до конфликтни ситуации. Неодамна во струшко двајца рибочувари беа нападнати од рибокрадци, против кои полицијата поднесе кривични пријави, а исто така пријави ќе поднесе и концесионерот.

-Имаме спроведено 70 акции при што запленивме околу 7-8 километри рибиоловни мрежи. Очекуваме поголеми проблеми за време на мрестот на пастрмка, но подготвени сме заедно со институциите да го заштитиме рибниот фонд, рече Танасоски.


Ристе Танасоски – „Патрмка 2012“

Во врска со забелешките на спортските рибиоловци за изловувањето на белвица, концесионерот истакна дека основна обврска во концесискиот договор е заштита на рибниот фонд и дека тоа се почитува, а риболовот строго се надгледува.

-Имаше одедени изјави во однос на заштитата на белвицата. Одговорно тврдам дека 300 килограми изловена белвица не е „геноцид“. Селективниот риболов се врши врз основа на одобрение на Хидробиолошкиот завод и секое наше влегување во Езерото се контролира од Државниот инспекторат за земјоделство.-рече Танасоски.


Директорот на Државниот инспекторат Стаменов и одговорните од Хидробиолошкиот завод

На порибувањето присуствуваше директорот на Државниот инспекторат за земјоделство Румен Стаменов, кој истакна денешната активност  претставува чин на општествена одговорност согласно договорот за рекреативен риболов склучен со концесионерот. Тој изрази задоволство од мерките кои концесионерот ги презема за заштита на рибниот фонд, посочувајќи дека и концесионерот и институциите имаат обврска да ги чуваат рибите во Охридското Езеро кои се национално богатство.

-Како инспекторат будно следиме дали концесионерот ги извршува обврските и сметаме дека зајакнувањето на рибочуварската счлужба и набавката на современа опрема каква што досега немало, ја оправдуваат одлуката на Владата Охридското Езеро да се издаде под концесија, истакна Стаменов.

OhridNews