Двесте деведесет и четири стручни соработници, односно педагози и психолози, во наредниот период, ќе се вработат во основните и средните училишта.
– Како стручен кадар тие ќе придонесат за зајакнување на воспитната компонента во училиштата, односно за унапредување на квалитетот на целокупниот воспитно – образовен процес во основното и средното образование во земјата, изјави министерот за образование и наука Спиро Ристовски.
Во основните општински училишта предвидено е да се вработат 228 стручни соработници од кои 169 психолози и 59 педагози. Во средните општински училишта ќе се вработат 56 стручни соработници, од кои 39 психолози и 17 педагози, додека во државните средни училишта ќе се вработат 10 стручни соработници од кои 6 психолози и 4 педагози. Вработувањето ќе се одвива во фази за што е изработен Акциски план со конкретно дефинирана временска динамика за вработување на психолозите и педагозите. Во првата фаза предвидено е вработување на 70 психолози до декември годинава. Втората фаза предвидува вработување на вкупно 105 стручни соработници, психолози, во декември 2014 година. Во третата фаза предвидено е да се вработат 119 психолози и педагози до декември 2015 година.
– Изборот ќе биде транспарентен, односно ќе се врши по пат на јавни конкурси за вработување, коишто исто така етапно ќе бидат објавувани, а во нив ќе бидат назначени сите подетални информации за условите и критериумите за аплицирање и обезбедување на соодветниот работен ангажман.Психолозите и педагозите во основните и средните училишта меѓу другите редовни работни обврски, ќе треба да реализираат и советување на родителите и учениците, поддршка во процесот на професионална ориентација на учениците, како и активности поврзани со кариерните центри во училиштата“, рече Ристовски.
За реализација на вработувањата потребни се 104 милиони денари, средства кои ќе бидат предвидени во буџетот на МОН во следните три години.
OhridNews