Со настанот „OH READ #2 (дијалог низ поезија)“ беше затворена 35. Поетска ноќ во Велестово. Во рамки на овој настан поетите учесници: Албан Туфа (Албанија), Павлина Атанасова (Македонија), Марија Костиќ (Србија) и Шпетим Селмани (Косово), најпрвo во гимназијата „Св. Климент Охридски“ одржаа работилница за креативно пишување и дијалог преку поетски препев, наменета за млади, а подоцна се одржа и интернационално поетско читање во кафе и бар „Шила“ во Охрид.
Годинава во фокусот беше македонската поезија пишувана од жени и во таа насока централниот настан беше промоцијата на „Самодиви: панорама на македонската поезија пишувана од жени, од преродбата до денес“, приредена од Славе Ѓорѓо Димоски и Јулијана Величковска. Во своето обраќање поетесата Лидија Димковска истакна дека тоа е книга што ќе ја обележи историјата на македонската книжевност, а големата значајност на настанот и на издавањето на оваа книга го истакна и поетсата Весна Ацевска. Во рамки на фестивалот беше отворена и изложбата „Минливост“ на уметникот Тони Попов во тремот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Велестово.

На овие настани им претходеше и откривањето на скулптурата „Раката на поетот“ од Никола Пијанманов, поставена на сретсело во Велестово, интернационалното поетско читање „Прелудиум“ во кафе и бар „Шила“ во Охрид, и потпишувањето меморандум за соработка со АРТ ПОИНТ ‒ ГУМНО, односно славењето на двата јубилеја: 35 години Поетска ноќ во Велестово и 20 години АРТ ПОИНТ ‒ ГУМНО.

OhridNews










