Годинашната Поетска ноќ во Велестово ќе биде посветена на поезијата на Зоран Анчевски и скулптурите на Димитар Филиповски, а ќе читаат и шестмина македонски современи поети: Тоде Илиевски, Владимир Мартиновски, Ѓоко Здравески, Биљана Стојановска, Павлина Атанасова и Јулијана Величковска.

32-то издание на Поетска ноќ во Велестово ќе биде отворено на 21-ви август во 21.00 часот во село Велестово, Охрид, со настап на „Скопје гитар трио“, предводено од Дарко Багески. Водител на програмата ќе биде Марина Димовска.

Ова издание на манифестацијата е посветено на поезијата на Зоран Анчевски, а за неговото дело ќе беседи Милош Линдро, додека, стиховите ќе ги интерпретира Јован Цветкоски.

Во тремот на црквата „Успение на Св. Богородица“ во Велестово, истата вечер, во 22.00 часот ќе биде отворена изложба на академскиот скулптор Димитар Филиповски.

На 22-ри август во 18.00 часот на локација во селото Велестово, позната како „на Каменон“ ќе се одржи настанот „Поезија ̶ Залез“ на кој ќе настапат современите македонски поети: Тоде Илиевски, Владимир Мартиновски, Биљана Стојановска, Ѓоко Здравески, Павлина Атанасова и Јулијана Величковска.

Планираната интернационална вечер посветена на современата исландска поезија, претставена преку две исклучителни исландски поетеси ̶ Сигурбјорг Трастардотир и Кристин Омарсдотир, заради ситуацијата со коронавирусот е презакажана за следното 33-то издание на Поетска ноќ во Велестово.

Настаните ќе бидат организирани согласно протоколите и препораките на Владата и Министерството за здравство за заштита од КОВИД 19, информира организаторот.

Манифестацијата е поддржана од Министерството за култура, Општина Охрид и Комерцијална Банка.

OhridNews