Со здравствено-економската криза предизвикана од COVID 19 пандемијата бројот на невработените лица во евиденција на Агенцијата за вработување се зголеми, што е евидентно и во самите бројки. За тоа зголемување придонесе и Законот за материјално обезбедување на стечајците кој го донесе Владата, со кој ќе остварат право на паричен надомест оние лице кои не беа опфатени со досегашните законски мерки. Поднесувањето на барање е до 30.08.2021 година, вели Џемал Мена, помлад соработник за активни мерки за вработување при Центарот за вработување во Охрид.

Сезонските вработувања ја ублажија бројката на невработени лица, но сепак тоа се само времени вработувања и со завршувањето на сезоната повторно ги очекуваме на нашата евиденција. Евиденцијата на невработени лица, а со тоа и бројката е променлива и осетлива проблематика бидејќи постојано се менуваат интересите на невработените лица, како и потребите од работна сила на работодавачите. – вели Мена.

Агенцијата за вработување успешно креира активни мерки и услуги и истите ги реализира.

Во овие мерки се активната мерка 2.1 – субвенционирани плати која е една од поинтересните мерки за работодавачите и невработените лица и од досегашната реализација склучени се договори за вработување на лица на неопределено време со 22 фирми. Активната мерка Самовработување со грант – неповратни средства од 5000 евра за формализирањње на бизнис идеја е во тек и имаме апликации од 78 невработени лица. Оваа активна мерка во моментов е во фаза на изработка на бизнис планови од страна на економски консултанти кои се „мечирани“ со невработените лица. – додава Мена.

Мена вели дека од услуги и работни ангажирања кои ги пружа Агенцијата за истакнување е Општинско-корисната работа која ја реализирааат во партнерско учество со Општина -Охрид и Центарот за социјална работа -Охрид со која оваа година биле обезбедени 9 образовни асистенти за ученици со атипичен развој во средното образование. Овој проект во соработка со УНДП и МОН ќе овозможи инклузија на учениците со потешкотии во образовниот процес во средното образование покрај образовните асистенти кои МОН ќе ги ангажира со законот за основно образование.

Обуката 3.3 за побарувани занимања, за нашиот Центар искреирана како обука за негователи за стари и немоќни лица е за невработени лица со минимум основно образование. Се состои од 2 месеци обука и еден месец работен ангажман со приход од 9000 денари во кој е вклучен данокот од личен доход и осигурување од повреда и професионална болест. Оваа обука искреирна на централно ниво, се поклопува со веќе двете завршени обуки за истово занимање реализирани од страна на Црвен Крст -Охрид од кои произлегле 17 сертифицирани негователи па затоа претпоставуваме дека интересот е помал за истата. Пријавувањето е до денес и ги очекуваме сите невработени лица со силна емпатичност кон постарите и немоќните лица да се пријават и да учествуваат во градењето на средина за живеење подобра за сите од сите аспекти. – истакнува Мена.

Инаку, во евиденцијата за невработени лица во Центар за вработување – Охрид се регистрирани 4906 лица, а од нив 3203 се активни баратели на работа и се пласирани на пазарот на трудот. Од активните лица кои се пријавуваат секој месец 565 се корисници на паричен надомест, а 1703 се пасивни баратели и во Центарот ги остваруваат другитe потреби кои се во нивен домен на интерес.

Н.С.Ј.