Во изминативе неколку децении, градот може да се пофали со бројни награди, пофалници и признанија кои ги имаат стекнато охридските ученици на натпреварите по математика од регионален, државен, балкански, европски и светски карактер. Главен виновник за овој успех на нашите сограѓани е несомнено локалното Здружение на математичари, кое веќе 35 години функционира во Охрид.

Околу 50-тина членови, од кои 30 активни професори по математика, претставуваат засебен огранок кој функционира под „капата“ на Сојузот на математичари на Македонија.

Здружението е регистрирано уште во 1978-ма година, додека пред три години обврзани бевме да го пререгистрираме согласно новите законски одредби. Ние сме членка на Сојузот на математичари, односно работиме под нивна капа и организација. Во истото, членуваат професори од основните, средните и високообразовните институции од Охрид. Вклучени се и учителките од одделенска настава, бидејќи на натпреварите учествуваат и дечина од 4-то одделение. Главни цели на Здружението се спроведување на натпревари по математика, советување, како и организација на помали семинари кои можеме да си ги дозволиме. Еднаш во годината имаме задолжително собрание, на кое се донесува годишната програма за работа на Здружението.“ – вели Борис Лушески, претседател на Здружението на математичари Охрид.

Натпреварите по математика кои се организираат од Сојузот на математичари на Македонија, а се спроведуваат од локалното Здружение во Охрид, се поделени во различни категории. Долги години, целта на „охридските математичари“ е да се анимираат стручните кадри од факултетите, со цел подигнување на квалитетот на самите натпревари.

Како членови на Сојузот на математичари на Македонија, организирањето на натпревари е во нивна надлежност, додека истите ние ги спроведуваме на терен. Веќе три години, регионалниот натпревар за основните училишта се оддржува во просториите на факултетите, со цел да ги анимираме асистентите и професорите, односно да го издигнеме нивото на самите натпревари. Учествуваат основци од 4-то до 9-то одделение, додека немаме никаква надлежност за натпреварите наменети за средношколците. Тие припаѓаат на западниот регион заедно со Тетово и Гостивар,  но се грижиме да обезбедиме превоз за учениците кои потоа патуваат на државните натпревари по математика.“ – потенцира Лушески.

Како што објаснува Лушески, Здружението од Охрид е единствено кое натпреварите ги спроведува во високообразовни институции, а зададените задачи се прегледуваат од посебна комисија составена од професори кои предаваат во охридските средни училишта.

Во целата држава, натпреварите се спроведуваат во простории на основните училишта, каде се јавуваат доста проблеми. Од друга страна, мотив повеќе за охриѓани претставува тоа што овие натпревари се оддржуваат на факултетите во Охрид, каде амбиентот е многу поразличен. Учениците поседуваат квалитет, можеби се помалку, но секоја година се враќаат со освоени награди и медали.“ – објаснува Лушески.

Тој потенцира дека  и покрај бројните проблеми со кои се соочуваат учениците, охриѓани се редовни учесници на натпреварите од европски и светски рамки. Изминатата учебна година, нашиот сограѓанин Никола Грунчевски беше дел од македонската репрезентација по математика, додека Теодора Бујароска успешно се претстави на „Балканијадата“.

Проблемот е што недоволно се вложува во самиот образовен систем. Надарените на еден начин „чмаат“ со онаа програма наменета за редовни ученици. Имаше наш предлог, да се издвојат талентираните, но не наидовме на разбирање од страна на ресорното министерство и локалната самоуправа, бидејќи на еден начин доаѓало до групирање на тие дечина, односно појава на некаква дискриминација. Поради тоа, тој план пропадна, но и натаму сметам дека тие ученици треба да работат по друга програма, која ќе ги издигне на едно повисоко ниво.“ – вели Лушески.

Лушески истакнува дека во изминатиот период, одбиен е и проектот кој предвидува заедничка дополнителна настава на надарените ученици.

Поради законската обврска на наставниците да ги оддржуваат тие дополнителни часови, не сме во можност да го вклопиме тој план, како на едно место би се работело со сите талентирани ученици. Тоа е возможно само доколку изнајдеме наши сопствени средства. Има ученици кои имаат потреба од високо образован кадар, кој ќе им помогне во реализација на нивните цели. Но нашиот образовен систем е таков каков што е и тие часови ги водат наставниците, без разлика дали се спремни да одговорат на барањето на децата.“ – истакнува Лушески.

За прв пат, во оваа учебна година „основците“ од трето одделение ќе имаат можност да бидат дел од училишните натпревари. Исто така, како новост се наведува воведувањето идентични задачи во сите основни образовни институции.

Како подготовка за дечината кои сакаат да учествуваат на регионалните натпревари, во секоја основнообразовна институција се организираат училишни натпревари. До пред 5-6 години, задачите ги задаваше Сојузот на математичари, додека сега тоа е во наша надлежност. Беше договор, истите задачи да бидат дадени во секое училиште, а се надевам дека оваа новост ќе можеме да ја реализираме уште отсега. Мора да се внимава на тежината на материјалот, бидејќи децата се мали и склони кон разочарување. Обично се даваат пет задачи, три решливи за секој и две за издвојување. На регионалното натпреварување за основците, каде има критериуми за учество, претежно присуствуваат 120 деца, со што оваа манифестација претставува најмасовна од овој вид.“ – додава Лушески.

Инаку, во рамките на локалното Здружение на математичари, функционира и блогот matematikaohrid.blogspot.com, на кој повремено се објавуваат информации и новости околу самите натпревари.

О. Трајчески