Околку 45 уметнички фотографии на битолскиот Фото кино клуб, во текот на вчерашниот ден беа изложени во галеријата на Н.У. Центар за култура „Григор Прличев” – Охрид. Љубителите на добрата фотографија, има можност да се запознаат со уметничкото творештвото на битолчани, преку нивната втора самостојна изложба насловена како „Погледи“.
Како што потенцираат од Фото кино клубот – Битола, потребата и желбата за организирано делување на полето на фотографијата, вродило со плод да се продолжи традицијата на старите битолски фотографи.
Според Игор Јанковски од ФКК – Битола, охриѓани имаат можност да се запознаат со 15 нови фотографии, како дел од творечкиот опус на битолските уметници.
„Подготовките за оваа изложба не траеа премногу долго, со оглед на тоа што повеќето материјали ни беа веќе готови. Сепак, 15 фотографии кои денеска беа изложени во оваа галерија, се нови и до сега не се видени.“ – истакна Јанковски.
Битолските фотографи за оваа изложба, имаа можност на најразличен начин да ни ја доловат моќта на нивните уметнички „замисли“.
„На денешниот настан, имаме изложено околу 45 фотографии. Темата која е опфатена во делата е слободна, бидејќи не сакавме да ги ограничиме нашите членови, како би им оставиле простор слободно да се изразат на онаа тема која најмногу им одговара.“ – вели Јанковски.
Втората самостојна изложба на членовите од битолскиот фото клуб, е само дел од многуте групни, на кои битолчани имаат учестувано во текот на своето едногодишно постоење.
„Како самостојна, „Погледи“ претставува втора клупска изложба. Првата беше во текот на минатата година, во Битола. До сега, имаме учествувано на повеќе од 15 групни изложби, како од национален, така и од меѓународен карактер.“ – додава Јанковски.
За во иднина, тој се надева дека соработката со охридските уметнички дејци ќе продолжи, а охриѓани ќе имаат можност повторно да се запознаат со фотографиите на членовите од нивниот клуб.
„Охрид претставува инспирација за сите нас. Го сакаме како град и тука имаме доста пријатели. Оваа изложба е плод на нашата соработка со Центарот за културен проток АРТерија. Се надеваме дека во иднина, повторно ќе можеме да ги изложиме нашите фотографии пред охридската јавност.“ – завршува Јанковски.
Инаку, Фото кинот клубот – Битола брои 31 член, а е формиран во март 2012-та година. Вчерашната изложба остварена во соработка со Центарот за културен проток „АРТерија“, беше прва самостојна пред охридската јавност.
O.T.