Точно на пладне, 450 охридски матуранти од трите средни училишта, ОСУ „ Св. Климент Охридски“ , ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ и ОУТУ „Ванчо Питошески“, заедно со нивните врсници во стотина градови низ Европа, играа на звуците на штраусовиот квадрил.

„ Матурската парада 2014“ која во Охрид се одржа по деветти пат ја проследија голем број родители, роднини на матурантите, како и случајни минувачи за кои беше имресивно да се проследи танцот.

Матурантите ги поздрави градоначалникот Никола Бакрачески кој им го честита завршувањето на средното образование.

Со овој танц денес се прославува завршувањето на еден од најимпресивните и највпечатливите делови од својот животен век, оној дел од заедничкото дружење во училишните клупи и делењето на заедничките моменти кои остануваат засекогаш врежани во човековата меморија. Пред вас е отворен патот кој секој посебно ќе го осмислува и секој посебно ќе го поминува. Бидете достоинствени, но и храбри да се соочите со предизвиците кои секогаш стојат пред вас. Бидете цврсти во вашите одлуки да напредувате во животот, само на оној начин кој нема да ги наруши човековите етички вредности, им порача Бакрачески на матурантите.

Во текот на 13 години откако се игра Квадрилот , учествувале 276 496 матуранти од 100 градови од Словенија, Италија, Србија, Македонија, Хрватска, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Бугарија, Романија, Албанија и Украина.

OhridNews