НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид заедно со Почесниот конзулат на Руската федерација во Охрид се приклучи кон светското одбележување на јубилејот–150-години од откривањето на Периодниот систем на хемиските елементи од страна на рускиот научник Дмитриј Менделеев.

Во негова чест УНЕСКО ја прогласи 2019 година, за година на Периодниот систем на Менделеев. Одбележувањето на овој јубилеј започна во јануари со голема свеченост во седиштето на УНЕСКО во Париз, а продолжува во текот на годината ширум светот со различни манифестации.

Во Библиотеката предавање за значењето на таблицата на Менделеев одржи проф. д-р Велимир Стојковски.

-Тој бил роден во Сибир во семејство од 17 деца. Неговиот татко бил професор, но го загубил видот и ја загубил и работата. Неговата мајка работела во фабрика за стакло и го издржувала семејството.

Татко му починал кога Дмитриј имал 13 години, а две години подоцна пожар ја уништил фабриката во која работела мајка му. Следната година, неговата мајка го однела од другата страна од земјата за да му обезбеди добро образование. Тој бил примен на универзитетот во Санкт Пeтерзбург.

Менделеев објавувал трудови пред да наполни 20 години, а присуствувал на првата хемиска конференција на 26 години. До средината на триесеттите години, тој бил преокупиран со класифицирање на 56-те елементи тогаш познати. По долго размислување, тој стигнал до креативното решение преку потсвеста.

Една вечер во февруари, по тежок работен ден, Менделеев го видел периодниот систем на сон. Соновите ги организираат идеите, сликите и информациите кои нè окупираат за време на будните часови. Така, неговите идеи и информации се собрале во неговиот сон. Менделеев во својот ддневник запишал: „На сон видов табела кадешто сите елементи паѓаа на своето место. Будејќи се, веднаш го запишав тоа на лист хартија.“ , рече д-р Стојковски.

Настанот со интерес го проследија шеесеттина ученици и наставници од основните училишта: „Кочо Рацин“, Живко Чинго“ и „Св. Климент Охридски“и други заинтересирани граѓани.

OhridNews