456 првачиња утре ќе го започнат образовниот процес во основните училишта на територијата на Општина Охрид, инфрмираат од Општина Охрид.

Сите училишта ги имаат направено потребните подготовки за почеток на учебната година. Општина Охрид реализираше низа значајни инвестиции во училиштата во насока на подобрување на условите за настава, велат од Општина Охрид.

Во поглед на доставата на учебници велат Општина Охрид нема надлежност за наставните програми во училиштата и нема ингеренции во делот на обезбедување и дистрибуција на учебниците.

Во основните училишта образовните асистенти се ангажираат преку Министерството за образование и наука. Општина Охрид има надлежност за ангажирање на образовни асистенти во средните училишта и преку проектот на УНДП ќе бидат ангажирани вкупно 10 образовни асистенти во текот на учебната 2023/2024 година, потенцираат.

Поголема поддршка во новата учебна година добиваат и учениците со попреченост кои посетуваат настава во редовните основни училишта, истакна на денешната прес конференција министерот за образование Јетон Шаќири.

Пред две години имавме 500 образовни асистенти, лани 720, а од септември ќе има 800 ангажирани образовни асистенти. Во постапка е нов закон за средно образование кој предвидува ангажирање образовни асистенти и во средните училишта каде во моментов ваков тип на стручен кадар се ангажира преку Програмата за општинска корисна работа поддржана од УНДП, рече Шаќири.

Потенцираше дека во тек на ова лето за сите основни училишта во државата набавени се нови нагледни средства и помагала за кабинетите по историја, географија и другите предмети од групата на општествени науки со што во голема мера ќе се подигне квалитетот на наставата, креативноста и интеракцијата помеѓу учениците и наставниците.

Вложувањето во квалитетот на наставата е влог во иднината на нашите ученици. Со таа цел учениците новата учебна година ја започнуваат во кабинет по информатика со нови моќни компјутери кои после петнаесет години ги заменија старите, велат од ООУ „Свети Климент Охридски“ Охрид.

Инаку, минатата година во основните училишта во Охрид беа запишани околу 530 првачиња.

Н.С.Ј.