Како ретко кој град во земјата, но и пошироко на Балканот, Охрид располага со непроценливо културно наследство кое веќе четири децении е под заштита на УНЕСКО. Дел од него е истражено, ревитализирано и презентирано на јавноста, но се уште има неистражени локалитети и знаменитости за кои во моментов НУ Завод и Музеј Охрид, која се грижи за културното наследство во регионот, нема доволно ресурси.

Не сме доволно екипирани за покривање на толку голема територија. Ова го велам од аспект на редовно следење на состојбата на културното наследство на цела оваа голема територија. Во таа насока во тек е нова систематизација во Завод и Музеј Охрид. Таа е во напредната фаза и чекаме да заврши изборниот процес да ја ставиме во процедура. – изјави Елеонора Новакоска, директор на НУ Завод и Музеј Охрид.

Оваа година од буџетот на државата за заштита на недвижното наследство и музејската дејност во Охрид ќе се финансираат 23 проекти со околу 8.5 милиони денари. Средствата ќе бидат искористени за заштита на најприоритетните објекти и локалитети, а останатото установата ќе го финансира од сопствени средства остварени од продажба на влезници на најатрактивните локалитети како Самуиловата тврдина, која, установата ја уредува со сопствени средства, како и Музејот на вода во Градиште, каде бројот на посетители се зголемува од година во година. Но, потенцијалот за валоризација на културното наследство во туристички цели е многу поголем, сметаат стручните лица.

Јавната свест кај нас не е толку на високо ниво во поглед на вреднување на културното наследство и многу често се гледа како пречка за развојот. Меѓутоа насоките во кои работи нашата институција Завод и Музеј Охрид, не е само валоризирање, туку и покажување дека културното наследство овозможува не само одржлив економски развој и развој на туризмот, туку и многу повеќе. – додава Новакоска.

Дека потенцијалот на културното наследство на Охрид е голем, говорат и податоците за продадени влезници на најпосетуваните знаменитости под заштита на НУ Завод и Музеј во првиот квартал од 2019 година. Така, во 2017 година во овој период биле продадени 3838 влезници, минатата година 4463, а оваа година од јануари до март продадени биле 4816 влезници. Во Заливот на коските, пак, во првиот квартал од 2017 година биле продадени 2830 влезници, минатата година 3251, а оваа година продадени биле 3923 влезници.

Најголем предизвик и натаму претставува истражувањето на подводното културно наследство во Охридското Езеро, кое е своевиден музеј. Засега откриен и реконструиран е само локалитетот Плоча Миќов град во Заливот на коските во Градиште, но езерото крие уште многу тајни.

Една праисториска населба е во Надол близу селото Трпејца, се претпоставува за праисториски населби кај Пештани, кај Воениот камп во Св. Наум и доста познати населби како што се Врбник во Струга, Уста на Дрим, а постои уште една населба во Република Албанија во близина на Буќезе. – вели меѓународниот нуркачки инструктор Милутин Секулоски.

Во соработка со Центарот за истражување на предисторија при универзитетот во Берн, Швајцарија, Завод и Музеј Охрид реализира проект за доистражување на подводниот локалитет во Градиште, во рамки на кој до 2020 година ќе бидат опфатени и други локалитети во Охридското Езеро на македонска и албанска страна, како и локалитети во Грција од исклучителна важност за науката, но и за пошироката јавност.

Г.Момироски