За отприлика една недела од сега и онака културно богатиот Охрид ќе стане креативно и културно седиште на професионалци од филмската индустрија. Ќе биде место на средби, запознавања, разменување на идеи и уживање во филмската уметност.

Талентираните домашни и регионални автори на новата генерација на европскиот филм ќе имаат можност да ги прикажат своите филмски опуси, но ќе имаат и исто таква шанса да се запознаат со професионалци и личните искуства на уметници кои се вбројуваат во самиот врв на светската кинематографија. Публиката пак ќе може да ужива во богатата филмска програмa на петото издание на Beach Film Festival. Во пет фестивалски денови на четири специфични за фестивалот локации, како амбиенталноста на амфитеатарот во предворјето на Св. Софија, Плажата Славија, Лапидариумот и Бродот Армада ќе бидат организирани филмски проекции на повеќе од 40 филмови од 17 различни европски земји, велат организаторите.

На 20-ти јули започнува отварањето на Фестивалот на нова локација во амфитеатарот на предворјето на монументалната црква Св. Софија, како едно важно културно обележје на градот со почеток во 20:30ч. Beach Film Festival ќе биде отворен со грчкиот филм A Simple Man.

Понатака, следните фестивалски денови се селат на Плажата Славија, Лапидариумот и Бродот Армада. Во Официјалната селекција на долгометражни филмови ќе бидат прикажани и филмовите Anais in Love, A Pure Place, Inventura, Bitch, A Derogatory Term for a Woman, Infinite Sea. Додека во Официјалната Селекција на краткометражни филмови и краткометражни студентски филмови ќе можеме да проследиме 33 филмови.

Во петото издание на Beach Film Festival, за наградите Голем бран – најдобар долгометражен филм, Мал бран – најдобар краткометражен филм, Стефан Сидовски Сидо за најдобро актерско остварување ќе одлучува тричленото жири составено од Фред Келемен, Кавех Захеди и Срѓан Драгојевиќ. Во фокусот на фестивалот, покрај филмските проекции е и едукативниот контекст, односно отварање можност на младите и заинтересираните луѓе да го збогатат и развијат своето познавње на филмската уметност и работа. За таа цел оваа година ќе се одржуват две работилници, „Дизајн на филмски постер“ која ќе биде предводена од младата дизајнерката Матеја Николиќ и „Филмска опрема“ чиј модератор ќе биде Илија Трицовски.

Покрај работилниците ќе се одржи и Мастерклас на Кавех Захеди насловен како „Неуспех, можност за развој“. Захеди е американски режисер на независни филмови кој ќе го пренесе своето животно искуство и ќе го отвори прашањето дали успехот се состои во задоволување само на една општо прифатена рамка.  Модератор на овој мастерклас ќе биде Ивица Димитријевиќ.

Како и секоја фестивалска година така и оваа, фестивалските вечери ќе бидат затворени со музика, а за тоа ќе се погрижат младите ДЏ-и Дамјана, Милан Серафимов, Anna Noodle, Andreas Hz и бендот Хајка.

Затворањето на петото издание на Beach Film Festival ќе ја следи својата воспоставена пракса да го затвора фестивалот со нов македонски филм, а годинава тоа ќе биде филмот „Сестри“ на Дина Дума. Дојдете на филмови под ѕвездите, порачуваат организаторите.

OhridNews