„По цена од 4 до 7 евра за метар квадратен во наредните 18 месеци, сопствениците на околу 50 000 стопански објекти изградени како дивоградби на државно земјиште, ќе можат истото да го откупат.“ – изјави Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, на вчерашна презентација пред членките на Комората за градежништво при Сојузот на стопански комори на ССК.
Кај стопанските и комерцијалните објекти, односно станбените згради цената се движи од 438 денари во првите пет зони и поголемите градови, односно 245 денари за метар квадратен во помалите населени места.
Според ресорниот министер, потребно е да се донесе акт со кој општината ќе докаже дека објектот се вградува во деталниот урбанистички план. „После актот, се носи решение за легализација, а општината во рок од шест години треба да го вгради објектот во деталниот урбанистички план. Откако ќе се донесе ДУП-от, се поднесува барање до ресорното министерство за откуп на земјиштето, како целосно би се решила сопственоста.“ – вели Јанакиески.
Со цел побрзо решавање на предметите, Јанакиески апелира до општините да го зголемат бројот на лица што работат на предметите зa легализација. По неодамнешните законски измени , рокот за доставување елоборати се ограничува на 18 месеци. „Имаме два покрупни проблеми. Едниот е недостиг на геодетски елаборати од страна на граѓаните и компаниите. Вториот покрупен проблем е што општините ангажираат мал број лица, кои работат на легализацијата.“ – додава Јанакиески.
Со цел спречување на злоупотреби, ќе може да се откупат и до 30 отсто од парцелата околу објектот. „Согласно Правилникот за урбанистичко планирање, доколку објектот има 70 метри квадратни и е изграден на државно земјиште, местото околу него може да биде максимум 30 метри квадратни.“ – потенцира Јанакиески.
Инаку, овие стопански капацитети се дел од 360 000 дивоградби, кои се регистрирани на стартот на процесот за легализација пред неполни две години. Според ресорниот министер, до крајот на 2012-та година легализирани се над 40 000 дивоградби, додека општините имаат решено меѓу 10 и 30 отсто од предметите. За куќите и за објектите каде има јавен интерес, цената останува евро за метар квадратен.
OhridNews