Со пригодна свеченост што се одржа вечерва во катедралнарта црква Св. Софија во Охрид, на која присуствуваа членовите на Светиот архиерејски синод на МПЦ – ОА на чело со поглаварот Стефан, претседателот на државата Ѓорѓе Иванов, црковни лица и гости, беше одбележана 50 годишнината од возобновувањето на автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, што се случи токму во Охрид во 1967 година.
– Ако како народ можеме да се пофалиме, тоа најмногу можеме со славата на Охридската архиепископија. Ништо наше не траело ни толку долго и не било толку благоносно и спасоносно. Израсната од проповетта на Свети Апостол Павле, надградена врз темелите на Јустиниана Прима, утврдена врз мисијата на светите браќа Методиј и Кирил и врз просветното и пастирско дело на светите Климент и Наум, цели 800 години, цели осум столетија од времето на царот Самуил па и по забранувањето на нејзината дејност била и останала единствен чувар и бранител на нашиот народ и пред бога и пред туѓинските владеења и влијанија. Под нејзина грижа нашиот народ го зачувал и јазикот и името и душата, се зачувал себе си. – истакна во обраќањето Митрополитот Охридски и Македонски Г.Г. Стефан.
Осврнувајќи се на црковните прилики на Балканот, а во контекст на непризнавањето на МПЦ – ОА од сестринските цркви, поглаварот Стефан укажа дека тие не се само идентификација на црквите на овој простор туку на целото православие.
–Многу цркви и народи беа и се жртви на овој однос. Ние во овие педесеттина години црковно осамостојување, а особено од незаконитото укинување на Охридската архиепископија во 1767 година ги почувствувавме и ги чувствуваме последиците од немањето љубов, како што своевремено изјави еден црковен великодостојник дека нема љубов помеѓу православните народи овде на Балканот. Што се ние не преживеавме и што уште не доживуваме од некои наши соседи, од присвојувања, омаловажувања, провокации и закани, одземања на права до желби да не постоиме, да не нема. – рече Г.Г. Стефан.
Поглаварот Стефан истакна дека МПЦ не бара ништо повеќе од тоа што го имаат повеќето православни народи, своја автокефална црква, која нема да биде зависна од никој центар, рамноправна со сите други.
-Тоа го очекуваме, не заради некоја потреба, туку затоа што единствено на тој начин можат да се спречат сите несакани влијанија, сета омраза, сета нечија потреба да присвојува и освојува. Впрочем го бараме тоа што сме го имале и пред нив и тоа на што и ние имаме право како православен народ и по каноните и според практиката на православната црква. – додаде поглаварот Стефан.
Митрополитот Охридски и Македонски побара да се исправи неправдата кон МПЦ, посочувајќи дека дарот на слободата им е даден на сите подеднакво, а македонскиот народ дека е дел од православието. Тој истакна дека МПЦ го заслужува тоа и го докажала во овој полувековен период од повторното прогласување на автокефалноста. Доказ за тоа, рече тој, се бројните изградени храмови во Македонија и низ светот, возобновеното монаштво, квалитетни школувани кадри дома и надвор, издаваштвото и преведените дела од разни автори, како и пишаните дела создадени од учените црковни дејци.
Поглаварот Стефан им оддаде почит на сите кои придонеле за возобновувањето на автокефалноста на МПЦ пред 50 години, истакнувајќи дека овие пет децении треба да бидат патоказ како да се надминат слабостите и како црквата да се справи со идните предизвици.
Г. Момироски


















