Денеска се навршуваат 50 години од катастрофалниот земјотрес кој го погоди главниот град на Македонија, Скопје, во кој животот го загубија 1.070 луѓе , а 3.000 беа повредени.
Катастрофалниот земјотрес во Скопје се случи на 26 јули 1963 година во пет часот и 17 минути, а помали потреси имаше до пет часот и 43 минути. Беа урнати 15.800 станови, а оштетени 28.000. Над 200.000 луѓе остана без покрив над глава.
Со трагедијата на Скопје се солидаризираше целиот свет. Меѓународниот Црвен крст упати апел до сите национални организации да организираат исхрана за скопските деца. Интерпарламентарната унија упати препорака до сите парламенти и влади да помогнат во обновата на градот. Хуманитарните организации во многу земји пристапија кон собирање помош за Скопје. Така Скопје стана град на меѓународна солидарност.
Обединетите нации веднаш по катастрофата презедоа активности за плански и долгорочно да му се помогне на разурнатиот град. На 14 октомври, Генералното собрание на Обединетите нации едногласно усвои Резолуција за давање помош на југословенската влада при реконструкцијата на Скопје.
50-годишнината од клатастрофалниот земјотрес во Скопје денеска че биде одбележана со низа пригодни настани.