Со пригодна свеченост, на која присуствуваше министерот за здравство Никола Тодоров, денеска во Вевчани беа одбележани два јубилеја – 50 години од отпочнувањето на рендгенската служба и десет години вршење мамографски услуги во Здравствениот дом Вевчани. По тој повод министерот Тодоров во употреба ја пушти потстаницата за парно греење со комплетно реновиран котел, за што се издвоени 3 милиони денари до државниот буџет.
– Претходно инветсиравме во изградба на настрешница, реконструкција на врати, на еден дел на прозорци и на внатрешноста на Здравствениот дом, изјави Тодоров.
Министерот истакна дека Здравствениот дом во Вевчани функционира одлично. Опремен е со дијагностика, со лабораторија, има современо амбулантно возило и доктори-специјалисти, кои даваат квалитетна здравствена услуга, додаде Тодоров, најавувајќи натамошна поддршка на оваа здравствена установа.
-Како министерство и во иднина ќе бидеме посветени на унапредување на состојбите во Здравствениот дом во Вевчани, имајќи предвид дека оваа установа покрива 25 илјади жители од поваќе рурални места, додаде Тодоров.
Градоначалникот на општина Вевчани Цветомир Угриноски го истакна значењето на рендгенската служба во Здравствениот дом во Вевчани, која во времето кога била отворена пред 50 години била една од неколкуте во државата. И тој најави поддршка за Здравствениот дом кој го опслужува целиот дримколски крај.
Одбележувањето на двата значајни јубилеја за Здравствен дом Вевчани беше збогатено со пригодна културно уметничка програма.
OhridNews
фото: „Мега продукција“