Се чувствуваме горди и задоволни што фестивалот Охридско лето успешно опстојува и годинава го  доживеа својот 50-годишен јубилеј, кој се потрудивме да го одбележиме на најдостоинствен начин, истакна Директорот на фестивалот Васил Зороски, на завршната прес конференција на фестивалот.

Макотрптно работевме за ова издание и успеавме стопроцентно да ја реализираме зацртаната јубилејна програма. –рече Зоран Велјаноски Летра, Претседател на управниот одбор на фестивалот.


Како што беше потенцирано, годинешното јубилејно издание е единствената уметничка програма на фестивалот, која во изминативе пет децении се рализирала без ниту едно откажување.

Во делот на музичката програма беа реализирани вкупно 27 музички настани. – Идејата беше ова јубилејно издание да помине во знакот на ретроспективата, со учество на уметници од светската елита коишто до сега веќе настапувале на фестивалот. Но исто така имавме прилика да видиме и неколку врвни уметници кои до сега сме немале можност да ги слушнеме кај нас. –рече музичкиот селектор на фестивалот, Гордана Јосифова – Неделковска.


Драмскиот селектор на фестивалот Ѓорѓи Јолевски потенцира дека публиката е таа која што дава надеж, снага и сила за конципирање на фестивалската програма на Охридско лето и нејзината беспрекорна реализиција.

Драмската програма на фестивалот беше под мотото театарски сеќавања, тоа значи почитување на оние кои што го правеле овој фестивал. Тука мислам на режисерските имиња, ансамбли, продукции и гости кои биле дел од театарското семејство на фестивалот, кои што заедно со него растеле низ годините, опстојувале, правеле убави претстави и го нуделе најубавото на публиката.-рече Јолески.

Денес и утре се последните фестивалски вечери од ова издание на фестивалот.

Вечерва со почеток во 21 часот во црквата Св. Софија е настапот на Гудачкиот квартет „Кодаи“ од Унгарија и македонскиот пијанист Никола Паскалов.

Утревечер, фестивалот ќе биде затворен со претставата “Кафкаски круг со креда” на Бертолд Брехт во режија на Мартин Кочовски, а во изведба на Народниот театар “ Војдан Чернодрински” од  Прилеп.

Ohridnews